Во пожар што изби неколку часа по полноќ во куќарка во рамките на отворениот бегалски камп „Кара Тепе“ на грчкиот остров Лезбос, животот го загуби 27-годишна жена, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката противпожарна служба соопштуваат дека пожарот бил мал, а за време на гаснењето било пронајдено безживотното тело на жената.
Според локалните медиуми од островот станува збор за бегалка од Авганистан која во кампот живеела заедно со нејзиниот сопруг и трите малолетни деца.
Мажот успеал да ги спаси децата од огнените јазици, а во обидот да ја спаси и жената се онесвестил и бил пренесен во болница, но е вон животна опасност.
Причината за пожарот е се уште непозната.