Обединетите нации упатија повик за собирање приближно 29 милијарди долари, што се неопходни за хуманитарна помош, откако промената на климата и се подолготрајните конфликти предизвикуваат итна потреба од помош за десетици милиони луѓе, пренесоа француските медиуми.
Глобалниот хуманитарен преглед (ГХП) на светската организација пресмета дека 168 милиони лица низ светот следната година ќе имаат потреба од некаква форма на итна помош, вклучувајќи храна, засолништа и здравствена заштита.
– Овие податоци бележат рекорд во современата ера – изјави Марк Лоукок, координатор на ОН за итни случаи, појаснувајќи дека тука го има предвид периодот по Втората светска војна.
Потребите и натаму нараснуваат, делумно заради „конфликтите кои стануваат се подолготрајни и интензивни“, рече Лоукок.
– Завојуваните страни покажуваат тотално пренебрегнување на хуманитарното право, што како резултат има цивилите кои западнале во конфликт почесто да се раселени или да имаат трауматски или психолошки проблеми. Бројот на напади врз училишта и здравствени објекти и натаму растат – додаде Лоукок.
„Бруталната вистина е дека 2020 година ќе биде тешка за милиони луѓе, рече тој.
Од 168 милиони лица кои се очекува следната година да имаат потреба од помош, повикот на ОН за 28,8 милијарди долари го има предвид и обезбедувањето на елементарна помош за 109 милиони, кои ќе имаат најнужна потреба и на кои агенциите на ОН се во состојба да има помогнат.
ОН бара повеќе од три милијарди долари за справување со хуманитарните кризи во Јемен и Сирија, земјите кои се најзасегнати од потребата за помош.
Венецуела е земјата во која потребите се зголеми најмногу во последната година. Од тие причини, ОН во 2019 година побара приближно 740 милиони долари за регионален одговор на кризата во Венецуела, но со опустошената економија и политичка криза во земјата оваа криза се засили, и бројката нарасна до 1,35 милијарда долари.