Нина Шерифовска, извршен директор на „Парк резиденс“, го доби признанието за „Најжена на 21. век” на годинешното 18. по ред издание на една од најзначајните манифестации која на едно место ги собира најдобрите жени претприемачи од сите области на бизнис и јавниот живот од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија.
На оваа манифестација присуствуваа повеќе од 300 успешни жени од целиот регион кои претставуваат значаен фактор во областа на бизнисот, науката, уметноста, спортот, модата и медиумите, со цел јакнење на претприемачката клима и конкурентност на пазарот, како и потенцијалот на ниво на цела Југоисточна Европа.
– Секогаш велам дека ништо што вреди не се добива лесно, а теоријата која што во мојата кариера се потврдила е дека што поупорно и понапорно работите на вашата цел, замисла или сон толку е поубаво и исполнително чувството кога ќе го постинете тоа. Ова се потврдува секој ден во мојата работа, со секојдневно достигнување и освојување врвови. Тогаш работата преоѓа во задоволство. Голема чест е да се биде помеѓу сите овие моќни жени кои придонеле многу за развојот на одредени бизниси, а уште поголемо е задоволството што целиот мој труд, внимание и посветеност е препознаен и признат и надвор од нашите граници, односно на регионално ниво – истакна Шерифовска.
Целта на овој настан е унапредување на професионалниот развој на учесниците од приватниот и јавниот сектор, нивна афирмација, како и поврзување и промоција на најдобрите претприемачки пракси, компании и општествено одговорно работење. Фокусот се става на оддавање признание не само на претприемачкиот дух и успешните проекти, туку и на лидерството и мотивацијата која ја пренеле во своите компании, придонесот кон заедницата и кон личниот развој на другите вработени.