Сеул ја запре пропагандата против Пјонгјанг

Одлуката е донесена неколку дена пред самитот на лидерите на двете земји, што се очекува да биде фокусиран на нуклеарната програма на Пјонгјанг.

88

Јужна Кореја денеска ја стопира пропагандата, која повеќе од две години преку граница ја спроведува против Северна Кореја. Одлуката е донесена неколку дена пред самитот на лидерите на двете земји, што се очекува да биде фокусиран на нуклеарната програма на Пјонгјанг.

– Јужна Кореја денеска престана да емитува пропагандни пораки против соседната држава, со цел да ги намали воените тензии и да воспостави соодветно опкружување за мировните преговори. Се надеваме дека оваа одлука ќе доведе до тоа двете страни да ги запрат меѓусебните клеветнички и пропагандни активности, како и да придонесе за воспоставување на мир и нов почеток, се посочува во соопштението на Министерството за одбрана на Јужна Кореја.

Пропагандата е запрена на полноќ, но нема информации дали истата ќе продолжи по претстојниот самит на двете држави.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави дека на територијата на Јужна Кореја повремено се слушаат пораки, со непрецизна содржина од звучниците во Северна Кореја.

Сеул испраќа пропагандни пораки – мешавина на вести, јужнокорејска поп музика и критика против севернокорејскиот режим, преку разгласи поставени на границата откако Пјонгјанг на почетокот од 2016 година ја изведе четвртата нуклеарна проба.

На таквата пропаганда Северна Кореја одговори со сопствена кампања, исто така преку звучници поставени на границата, како и испраќање на балони со летоци против Јужна Кореја.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ќе се сретне в петок со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во погранично село. Тоа ќе биде трет самит на лидерите на двете држави досега. Предвидено е Ким во мај или на почетокот од јуни да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа ќе биде прва средба на лидерите на Северна Кореја и на САД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...