Доколку се реализираа капиталните инвестиции, кои во изминатите 10 години бележат значително кратење, стапката на раст на економијата ќе достигнеше и до пет отсто, смета Центарот за економски анализи (ЦЕА) во својата анализа.
Во анализа се наведува дека реализацијата на капиталните инвестиции во 2010 година, растот би изнесувал 5,1 отсто, во 2011. – 3,7 отсто, во 2012. – 1,4 отсто, 3,5 во 2013 година, 4,9 отсто во 2014 година, пет отсто во 2015, 4,5 отсто во 2016 година, 2,2 отсто во 2017 година и 4,5 отсто во 2018 година.
Висината на реализираните капитални инвестиции во последната деценија, велат од ЦЕА не надминале 20 милијарди денари (за периодот 2009-2018). Највисока вредност од 19,86 милијарди денари (325 милиони евра) се реализираа во 2017 година.
„Ваквиот тренд на нереализирање на планираните капитални инвестиции од буџетот за секоја година во период од една деценија укажува на повеќе аномалии и недостатоци во процесот на планирање како капитацитети и веродостојност на планирачкиот процес, усогласеност со приоритети, застои во јавните набавки и слаб административен капацитет за проектен менаџмент“, наведуваат од ЦЕА .
Тоа според ЦЕА укажува и на потребата од реформирање и на процесот на управување со јавните финансии од поширок обем, започнувајќи од стратешките цели на една влада, нивниот рализам поткрепен со потребните капацитети, па се до потребата од среднорочно, реално и објективно планирање и реализација.
Експертите на ЦЕА сметаат дека во делот на политичка економија редовните ребаланси со стеснување на капиталните расходи за сметка на трансферите и зголемувања на плати и пензии на разни категории на економски агенти без да се води сметка за продуктивноста на економијата, укажува на акутноста на пробелмот со политички популизам и стеснување на хоризонтот на капиталниот циклус до политичкиот циклус на коалициите на власт.
ЦЕА препорачува подобрување на квалитетот на планирање на капиталните расходи врз основа на капацитетите на нивна реализација како на централно така и на локално ниво, подготовка на долгорочни повеќегодишни стратегии и планови за јавни инвестиции проследени со подготовка на адекватна усогласена стратегија и јасна насока и пристап за приоритети во подолг период, унапредување на ефикасноста и ефективноста на трошење на јавните расходи во овој случај капиталните расходи и ефектите од реализација на капиталите инвестиции се општо позитивни и го зголемуваат растот, но и развојот односно условите за развој и поголема конкурентност и продуктивност.