АЕК смирува: Нема штети од зрачењето на 5Г технологијата

Споредбената анализа на АЕК за тоа дали новите технологии го зголемуваат нејонизирачкото зрачење, според најновите мерења извршени кај 149 градинки покажале дека вредностите на нејонизирачкото зрачење се многупати помали од дозволените гранични вредности од претходниот период.

367

Нема простор за загриженост за штетност од зрачењето на новите технологии во електронските комуникации, како и идната примена на 5Г технологијата, порача денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации АЕК Сашо Димитријоски.

Споредбената анализа на АЕК за тоа дали новите технологии го зголемуваат нејонизирачкото зрачење, според најновите мерења извршени кај 149 градинки покажале дека вредностите на нејонизирачкото зрачење се многупати помали од дозволените гранични вредности од претходниот период. Нејонизирачкото зрачење е намалено на повеќе мерни точки.

– Анализите покажуваат дека сме далеку под границите кои се светски параметар за зрачењето. Во медиумите може да прочитате разни вести дека 5Г технологијата е забранета заради штетноста итн.. Се тоа се шпекулации и апсолутно нема основа граѓаните да се грижат од таквите нови технологии – изјави Димитријоски, пред денешната втора јавна расправа на АЕК.

Во последниот период добиле многу барања да вршат мерења на разни подрачја во државата за да детектираат која е штетноста на зрачењата, а шпекулациите, како што вели, придонеле кај граѓаните да се создаде несигурност дури и за постоечките базни станици.

– Постојано се бара да се дислоцират итн., што дополнително прави проблем кај операторите, значи отпорот сега е многу поголем во имплементирањето на новата технологија и базните станици. За примената на 5Г ќе треба да се зголеми бројот на базни станици за десет до 100 пати повеќе од постоечкиот и тогаш веќе ќе се судриме со реални проблеми на отпор. Сакаме да покажеме дека зрачењата се далеку далеку под рамките на дозволеното – потенцира Димитријоски.

Телекомуникацискиот оператор Македонски Телеком неодамна во центарот на главниот град изврши тестирање на 5Г на фрекфенции што ги побара од АЕК за времено користење. Телеком постави предавател и тогаш можеа да се видат само брзините, а за реална имплементација, според Димитријоски, ќе мора да се почека. Како што најави, до крајот на следната година АЕК ќе ги објави тендерите за 5Г спектрите и потоа останува на операторите кога ќе бидат подготвени да го применат сето тоа.

АЕК веќе врши мерења на сите базни станици на електронските оператори во државата и со проектот што ќе трае до крајот на следната година ќе се види од секоја точка на секој предавател на операторите колкави се зрачењата и споредбено во рамки на дозволеното.

– Новите технологии не можеме да ги спречиме, можеме само да ја олесниме нивната примена и на некој начин да им укажеме на граѓаните со видливи и мерливи резултати што значи таа нова технологија и дали и колку таа влијае на човековото здравје – наведе Димитријоски.

Мерењата за параметрите и квалитет на јавните комуникациски мрежи што беа презентирани на јавната расправа покажуваат дека операторите имаат солидни резултати во покривање со мрежата на територијата на целата држава и оти квалитетот на услугите и брзината на пренос на податоци се зголемени.

Квалитетот на говор е оценет како солиден, односно А1 Македонија добиле оценка 3,91, а Македонски Телеком 3,89.

Минималната брзина на пренос на податоци од страна на АЕК е дефинирана да изнесува 20 мегабити по секунда. Мерењата кај А1 Македонија покажале брзина од 46.295 мегабити во секунда, а кај Македонски Телеком од 57,7 мегабити во секунда. Тоа, велат од АЕК, се екстремно големи брзини на пренос на податоци, што значи дека како држава имаме можности да имаме квалитетни услуги со големи брзини по лице достапни во секој момент.

Пропишната минимална брзина на пренос на податоци на патиштата, изнесува 10 мегабити, а мерењата покажале дека А1 Македонија има 34,7 мегабити по секунда, а Телеком 36,6 мегабити по секунда.

Раководството на АЕК тврди дека драстично се намалил бројот на поплаки од граѓаните, претежно по основ на роаминг, а и натаму има поплаки за пречекорени сметки.

– Цените се на многу ниско ниво и претпоставуваме дека понатаму конкуренцијата нема да доведе до некое драстично намалување на цените, но сакаме да поттикнеме подобрување на квалитетот на услугата – изјави Димитријоски.

Во однос на можноста за трет мобилен оператор директорот на АЕК информира дека до нив повремено има интерес, доаѓаат компании и разговараат. Сепак, истакна, останува до економската исплатливост на крајот да проценат дали би инвестирале или не.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...