Заев: Имаме највисок раст на платите и рекорден број на нови работни места ВИДЕО

Резултатите во економијата станаа видливи и опипливи. Затоа, ќе продолжиме да инвестираме во силна и стабилна економија, и во човечкиот капитал – односно во нашиот народ, во граѓаните!Кога економијата е силна, добиваат граѓаните!, рече премиерот Заев во видео обраќањето.

274

По две и пол години силна и одговорна економска политика, граѓаните почнаа да ги чувствуваат придобивките – зголемени плати, намалени трошоци, помош за ранливите, растат странските инвестиции, а невработеноста е на историски најниската стапка од 17,4 отсто, истакнува меѓу друго премиерот Зоран Заев во денешното обраќање до граѓаните. Најавува дека Владата ќе продолжи да инвестира во силна и стабилна економија, и во човечкиот капитал.

МИА во продолжение го пренесува интегрално соопштението и видеото од обраќањето на премиерот Заев.

Може ли две и пол да биде повеќе и подобро од 11?

Да, може, особено ако за две и пол години направите и повеќе и подобро за домашната економија, во споредба со пустошот направен претходните 11 години.

После две и пол години водење силна и одговорна економска политика, граѓаните почнаа да ги осеќаат придобивките – преку зголемените плати, преку намалените трошоци, преку мерките за поврат на средства и преку помошта која ја обезбедивме за ранливите.

Економијата се мери со бројки!

За две години, оваа Влада потпиша 34 нови договори за странски и домашни инвестиции. Од нив, 12 фабрики се изградени, а 22 фабрики се во процесот на изградба.

Тоа е многу повеќе од дво-годишните периоди меѓу 2013 и 2017 година, кога биле потпишани 7, односно 9 договори за поддршка за градба на фабрики, а биле отворени 6, односно 7 фабрики.

Растат странските инвестиции!

Во периодот меѓу 2017 и 2019 година имаме 741 милиони евра странски директни инвестиции. За разлика од овој рекорд на странски инвестиции, во периодот од 2013 до 2015, имаше 457 милиони евра, а во периодот 2015 – 2017, 555 милиони евра странски директни инвестиции.

Рекордните странски инвестиции дојдоа како резултат на неколку клучни фактори: Надминувањето на политичката криза, решавањето на споровите со соседите и одговорната економска политика.

Фокусот на економијата, заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции.

Поволните услови за странските и за домашните инвестиции, како и активните мерки за вработување, во изминативе две години отворија повеќе од 54.000 нови работни места. Во периодот 2013 – 2015 имало само 21.000 нови работни места.

Денес дојдовме до историски најниската стапка на невработеност од 17,4%.

Сметам дека е најважно за младите да обезбедиме добро платена и квалитетна работа, која ќе ги привлече да останат дома.

Просечната плата порасна за 2.297 денари во овие две години, за разлика од растот од само 821 денари во времето на претходната Влада.

Инициравме ново, дополнително покачување на минималната плата на 14.500 денари. Во времето на претходната Влада минималната плата изнесуваше само 9.000 денари.

Наставниците на почетокот на 2020 година ќе добијат ново покачување на платите. Лекарите и медицинските сестри веќе добија сериозно покачување. Еден лекар специјалист ќе зема и до 100.000 денари плата. Припадниците на Армијата земаат поголема плата, како и полицијата и пожарникарите.

Цената на струјата сега е пониска и стабилизирана, а во време на претходната Влада порасна за 100%. Имаме најниска цена на струјата во Европа, а нашата земја е прогласена за „регионален шампион“ за реформи во енергетиката, од страна Енергетската заедница.

Конечно имаме стабилна и безбедна земја со развојна економија која може да оди само напред!

Резултатите во економијата станаа видливи и опипливи. Затоа, ќе продолжиме да инвестираме во силна и стабилна економија, и во човечкиот капитал – односно во нашиот народ, во граѓаните! Кога економијата е силна, добиваат граѓаните, порача Заев во видео обраќањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...