Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од декемви годинава до февруари 2020 ќе ги презентира зимските убавини и потенцијали на земјава целосно на интернет, на 20 различни медиуми во девет балкански држави, Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Турција, Романија и Полска. Дел од кампањата ќе бидат презентирани и на социјалсните мрежи.
Ќе се рекламираат Маврово, Пелистер, Берово, Пехчево, Кратово и целата Малешевија, како најсоодветни дестинации за задоволување на потребата од авантура и спортски активности кои во последните години се неизоставен дел од патувањето на младите, индивидуални туристи, кои имаат нескротливиот дух и енергија.
Со концептот 100 отсто онлајн, како што информира Агенцијата, ќе се реализира вториот дел од медиумската кампања која ќе оди и на социјалните мрежи.
– Изборот за промоција на дестинацијата преку интернет во фокус ги стави помладите генерации и нивно анимирање преку најактивно користените канали на комуникација (Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Пинтрест). На овие канали строго ќе се таргетираат оние кои најмасовно ги користат – Millennials и Z генерациите преку хаштагот – ТвојатаСледнаДестинација (#YourNextDestination), соопшти АППТ.
Реализацијата на медиумската кампања со која се промовира туристичкиот потенцијал има за цел да ја разбуди и поткрене свесноста на младите, слободни патувачи, за постоењето на земјава како туристичка дестинација.