Регионалната унија на театри стартува во Белград со претставата „Лилиом“

175

Со гордост сакаме да ја најавиме иницијативата на Београдско драмско позориште за создавање на Регионална унија на театри (РУТА) чија основна цел ќе биде поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациона смисла. Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни ко-продукции или други форми на соработка, информира Драмски театар.

РУТА е составена од: МГЛ Љубљана, Словенија, Театарот Улисис, Загреб, Хрватска, Камерен театар 55, Сараево, Босна и Херцеговина, Градски театар Подгорица, Црна Гора, Драмски театар Скопје, С. Македонија, и Белградско драмско позориште, Србија. Во изминатите три месеци, претставниците од овие театри имаа бројни состаноци и успеаа од една иницијатива да стигнат до „Протокол за соработка“ потпишан од сите театри, во кој се наведени понатамошните чекори кои оваа унија треба да ги превземе.

Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање. Во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика.

Првиот фестивал од низата која следува ќе се одржи во Белград, во Београдско драмско позориште, кое ќе започне на 1.12., а ќе трае до 6.12.

На 1.12. Београдско драмско позориште ќе ја изведе премиерата на претстава „Лилиом“, на 2.12, театарот Улисис ќе ја изведе претставата „Бакхи“, на 3.12. Градскиот театар од Подгорица ќе ја изведе претставата „Дон Кихот“. На 4.12. Камерниот театар 55 ќе ја изведе претставата „Мирна Босна“. На 5.12. настапува Драмски театар Скопје со претставата „Крал Иби“ и за крај, на 6.12. МГЛ Љубљана ќе ја изведе претставата „Тивок здив“.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...