Се додека Југохром не ги исполни условите и не се вложи во заштитата на животната средина не треба да работи, беше дециден денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули одговарајќи на прашање за време на акцијата за чистење на езерото Козјак.
– Инвеститорот си презеде свои обврски и за жал доцнат со исполнувањето на тие обврски. Ние сме решени се додека не се исполнат тие услови за дозволата што ја имаат, Југохром да не може да работи – истакна Макрадули.
Од МЗЖСПП контактирале со менаџментот на Југохром и чекаат да бидат информирани за она што е направено како инвестиција, а потоа ќе се оцени дали ги задоволува критериумите.
Макрадули рече дека не разговарале за нови рокови за изградба на филтрите иако минатата година беше најавено дека Југохром ќе почне со работа во март или април оваа година.