Над 1.000 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор добил лани трудовиот инспекторат, информира денеска директорот на инспекторатот Аљајдин Хавзиу.
Според него, тоа говори дека работниците се охрабруваат да ги пријават работодавачите дека не им исплатиле К-15.
– Дел од овие претставки се однесуваат на работници кои работеле само шест месеци, па потоа ја променил компанијата и незнаат кој треба да им исплати К-15 – рече Хавзиу.
Тој додаде дека нема податок за тоа колку работници биле принудени да ги вратат парите кај газдите оти инспекторите немаат истражна функција.
– Ние не сме истражен орган кој тоа ќе го детектира и ќе го докажува. Тоа е работа на истражните органи во МВР – рече Хавзиу.
Според него три-четири години е променета сликата во однос на исплатата на минимална плата на работниците, бидејќи поголем дел од работниците си заминаа надвор од државата.