Министерот за култура Хусни Исмаили изјави дека не чувствува одговорност за настанот од петокот вечерта во Македонскиот народен театар кога во продолжение на одбележувањето на Денот на албанската азбука се одржал настан на кој прославувале навивачите на ФК „Скупи“ – „Шверцери“ по што е оштетен инвентарот во гледалиштето на театарот.
Тој рече дека Министерството за култура не било организатор на настанот, туку е поддржувач на настан што се одржал во простор на Министерството и дека не може да ги контролира сите настани и однесувањето на луѓето што присуствуваат. Тој ден, рече, имало два настана, бил поканет, но не можел да присуствува поради обврски со министерскиот форум за култура.
– Министерството за култура или јас лично не чувствувам бидејќи за ова е одговорен организаторот, директорот на таа институција. Во најмала рака ни тие не се многу одговорни зашто не можеме сѐ да контролираме, како ќе се однесува секој поединец во некоја јавна институција на некој настан. Добив известување дека нешто се случило, но овие неколку дена цело време сум со министерот од Кина – изјави Исмаили прашан дали ќе понесе одговорност за демолирањето на МНТ.
Како што рече, „вакви настани имало и порано и во иднина ќе има“ и дека министерот или Министерството не може да ги контролира сите настани и сите гости што ќе дојдат и што ќе направат. Рече дека штетата треба ја надоместат тие што ја направиле.
– Најпрво да се утврди штетата и кој ја направил штетата и да си ја надомести. Спротивставени се изјавите дека имало штета, дека немало штета, кој бил организатор. Работите се многу испреплетени и нејасни, барем за мене. Има закони и институции и ако има прекршување на законот, сите да си понесат одговорност без разлика кој и да е. Министерството за култура и конкретно јас не сум организатор на тој настан – рече Исмаили по заедничката изјава со кинескиот министер за култура Луо Шуганг.
Прашан дали разговарал со директорката на МНТ и со државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири и пратеникот Артан Груби, двајцата од ДУИ, министерот Исмаили, кој е кадар на партијата „Алтернатива“, рече дека имал површни разговори поради зафатеноста околу министерскиот форум и присуството на министерот од Кина. Рече дека по неговото заминување денес, од утре ќе види, како што рече, поконкретно за што се работи.
Тој додаде и дека наместо да се интересираат за убав настан каков што е министерскиот форум, новинарите поставуваат прашања како за јавен обивинител кој треба да најде виновници и да пресудува за нешто за кое, како што рече, тој има најмалку вина.