Арапите го прогласија „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ за најдобар европски филм

315

EFP (Европска филмска промоција) и Арапскиот филм центар го објавија победникот на првата награда на арапските критичари за најдобар европски филм – „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска.

Наградата за најдобар европски филм според арапските критичари е иницијатива на Арапскиот филмски центар и програмата Европска филмска промоција, каде Агенцијата за филм на Република Северна Македонија е членка од 2009 година.

42 филмски критичари од 13 арапски земји го избраа најдобриот европски филм од 24 пријавени филмови од цела Европа. Наградата има за цел да ја промовира европската кинематографија во арапскиот свет и да го насочи интересот на дистрибутерите и клучните играчи во индустријата кон квалитетни европски филмови, истовремено ставајќи ги во фокус истакнатите филмски критичари од голем број на арапски земји и нивната исклучителна улога во отворањето на нови перспективи и премостувањето на културните разлики.

Наградата ѝ беше врачена на Лабина Митевска, продуцентка на филмот која има и една од водечките улоги во филмот, од страна на претставници од EFP, арапскиот филмски центар и директорот на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, каде се одвиваше и самото доделување на наградата.

– Апсолутно сме воодушевени што првата награда од арапски критичари ја доби филм во режија на жена, со еднакво извонредна главна женска улога. Неговата силна порака која се залага за еднакви права за жените е универзална – изјави претседателката на ЕФП и директорка на Чешкиот филмски центар Маркета Сантрохова.

Во рамки на фестивалот во Каиро беше организирана и панел дискусија на тема Стартегии за приближување на филмови од странско говорно подрачје до пошироката публика, каде меѓу останатите свое излагање имаше и продуцентката на филмот, Лабина Митевска.

Ова е само уште една во низата награди на „Господ постои, името и е Петрунија“, кој што своја светска премиера ја имаше на Берлинскиот филмски фестивал во официјалната селекција, а досега е дистрибуиран во 28 земји ширум светот и прикажан на 74 филмски фестивали со 23 освоени награди, вбројувајќи се во еден од најуспешните македонски филмови досега. Филмот е еден од 3 европски филмови во официјалната селекција за  престижната награда на Европскиот парламент – ЛУКС (LUX Prize). Како дел од трите финалисти, филмот беше преведен на сите 24 јазици кои се зборуваат во Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...