Дваесет и првиот Таксират со многу стари, но и нови ѕвезди

Стартува во МКЦ, со шестата ПИН Музичка конференција и шоукејс фестивал, од 28. до 30. ноември, за да продолжи на 1. декември со првиот соло концерт на скопскиот рапер ЛД Пистолеро, на 5.12. е концертната промоција на музичкиот проект на Мугер Фугер и Горан Трајкоски, па традиционалниот Лузер Фест, главната вечер на 7. и последниот настан, настапот на Свен Ват, на 8.декември

253

Годинешниот Таксират број 21, стартува со шестата ПИН Музичка конференција и шоукејс фестивал, која ќе се одржи од 28-ми до 30-ти ноември во МКЦ. На 1-ви декември не очекува првиот соло концерт на скопскиот рапер ЛД Пистолеро во МКЦ, а на истата локација за 5-ти декември е закажана LP (винил) и концертна промоција на музичкиот проект на Мугер Фугер и Горан Трајкоски, насловен „Во ова време“. Традиционалниот избор на најдобар демо изведувач Лузер Фест, со осум нови бендови, е на 6-ти декември во МКЦ.

На главната вечер на ова 21-во издание на Таксират, на 7-ми декември, во полн состав се приклучуваат и Суперхикс – синоним за добар провод и забава, повеќе пати прогласувани за група, хитови и концерт на годината.

Истата вечер на главната сцена ќе застане и хрватскиот рапер и стиховен еквилибрист, Андрија Вујевиќ, алијас Војко В, кој ги исмеа сите и имаше неверојатно успешна година: грабна три награди Порин (за најдобар албум и за најдобар клубски албум „Војко“, и за најдобар видео спот „Не може“) и се претвори во најангажиран изведувач во регионов.

Покрај Суперхикс и Војко В, во листата на изведувачи за главната вечер на Таксират 21 веќе се запишани и британските драмендбејс супернови Chase & Status, хрватските легенди Хладно пиво, шведските поп ѕвезди Peter Bjorn and John, култните Београдски синдикат, а втората фестивалска бина ќе биде отстапена на супер-собирот на најголемите трап артисти од домашната и регионална сцена: Клинац, Prince$$ Donatsu, Buntai, Донплеја, Kuku$ Klan, Секси Марса, Бон Праскиза, 30Zona.

Легендарниот андерграунд техно диџеј и поп суперѕвезда, Свен Ват, од многумина нарекуван и таткото на рејверските афтерпартиња доаѓа ексклузивно од Амстердам за да ја изведе својата магија со целовечерен сет на 8-ми декември, во СЦ Борис Трајковски за заокружување на ТАКСИРАТ 21. „Папа Свен“ е визионер и перфекционист кој го смени текот на електронската музика. Магионичар кој повеќе од 35 години ја изведува својата илузија исклучиво на грамофони.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...