Претседателот на Израел, Рувен Ривлин денеска изјави дека на Петтиот светски форум за холокаустот ќе присуствуваат десетици светски лидери, што ќе биде најголем собир посветен на борба против антисемитизмот.
Тој посочи дека и Форумот ќе се совпадне со годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц.
Веќе 30 претседатели и шефови на влади, меѓу кои на Русија, Франција, Германија, Италија и Австрија, веќе го потврдија учеството на Форумот, што ќе се одржи во јануари следната година.
За Ривлин тоа ќе биде „единствен“ собир посветен на борбата против антисемитизмот и за одржување на сеќавањето на холокаустот „меѓу генерациите кои живеат во свет без преживеани“.
– Холокаустот претставува најниска точка што луѓето може да ја достигнат – масовни убиства во индустриски обем и уништување на еден народ. Тоа сепак се случуваше на место за кое мислевме дека е модерен, напреден и цивилизиран свет. Нивото на антисемитизам во светот треба да служи како морален барометар, а холокаустот треба да се запамети како лекција која никогаш не треба да се заборави – изјави претседателот на Конгресот на европски Евреи и иницијатор на Форумот Моше Кантор.