Повеќе од 200 балетски солисти и 750 учесници во групи и формации учествуваа на Интернационалниот балетски и танцов натпревар „Стејџ“ во организација на балетскиот педагог, кореограф и продуцент Тамара Ѓурчиновска, сопственичка на „Арт балет“, што се одржа на 2 ноември на големата сцена во Националната опера и балет.
Наградата Гранд при за најдобар и најталентиран учесник на натпреварот „Стејџ“ 2019 ѝ припадна на Ела Канер од Турција, Гранд при за најдобри групи освоија „Тринити“ од Варна, Бугарија и „Лазарети“ од Дубровник, Хрватска, најдоброто дуо е од Грција, најдоброто трио е „Тапија денс хаус“ од Бугарија. Наградите за најдобри сценски костими ги зедоа „Ројал балет“ од Софија, Бугарија и Ела Канер од Истанбул, Турција.
Натпреварот „Стејџ“ веќе петта година ги пречекува гостите од Белгија, Италија, Србија, Словенија, Хрватска, Грција, Турција, Куба, Бугарија, Романија, Босна и Херцеговина и од Македонија.
Меѓународниот натпревар им овозможува на балетските играчи и танчери, на балетските и танчерските училишта и на театарските играчи да се соберат во атмосфера на пријателско натпреварување со цел да учат и да се инспирираат едни од други.
Програмата вклучува мастеркласи и можности за споделување и споредување на знаењето, искуството и талентите на учесниците и нивните наставници. Натпреварот е оценет од врвни професионалци, професионално балетско и танц жири составено од претседател на жири м-р Олга Панго, Ерик Јанес Тапија, Нермин Кочан, д-р Елица Петрова Луканова, Каталина Стегару, Мариус Онофреј, д-р Искра Шукарова, м-р Маја Каревски, Марие Леонард, Душан Водлан.
Следното издание на Интернационалниот танцов и балетски натпревар „Стејџ“ е закажано за 7 и 8 ноември 2020 година во Скопје.
Целиот настан е поддржан од Министерството за култура.