Европската унија ја поздрави денеска одлуката на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за прекин на нуклеарните проби и тестирања на балистички ракети од страна на Пјонгјанг.
– Неговата изјава, која е, исто така, поздравена од Вашингтон и Пекинг, го изразува стремежот на Пјонгјанг да ги почитува меѓународните обврски, односно да ги исполнува резолуциите на Советот за безбедност на ОН – се наведува во соопштението на Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Таа изрази надеж дека претстојните средби меѓу лидерите на САД, Северна Кореја и Јужна Кореја ќе доведат до „конкретни резултати“.
Велика Британија, исто така, смета дека плановите на Северна Кореја да ги запре нуклеарните проби претставува позитивен чекор. Во соопштението на британската Влада се наведува дека тоа е израз на добра волја.
– Продолжуваме ангажирано да работиме со нашите меѓународни партнери за целосно решавање на проблемот по мирен пат, што подразбира контрола и прекин на нуклеарната програма на Корејскиот Полуостров – се додава во соопштението на британската Влада.
Северна Кореја соопшти денеска дека прекинува со тестирањето на балистички ракети со голем дострел и планира да ги затвори полигоните за нуклеарни проби. Пјонгјанг се одлучи на таков потег со цел одржување на „националниот фокус“ и подобрување на економијата.