До 15-ти мај рокот за барања за субвенции за земјоделска површина и по грло добиток

135

Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги потсетуваат земјоделските стопанства дека рокот за поднесување на барања за субвенции за мерките по обработлива земјоделска површина и по грло добиток за 2018 година ќе трае до 15 мај.

Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели со состојба на 15 март 2018 година.

Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето. Од министерството ги потсетуваат одгледувачите пред поднесување на барањето задолжително да ја проверат и по потреба ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.

Земјоделците во програмата за 2018 година на располагање им се шест милијарди и 210 милиони денари кои се наменети за директни плаќања. Запазувањето на рокот за аплицирање е важно за да може навреме да се обработат барањата и навреме да исплатат субвенциите.

Од министерството информираат дека барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Доколку барателите имаат потреба за помош при создавање на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најдоцна до 30 април 2018 година.

На веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk се објавени упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде што ќе може да се поставуваат прашања во врска со поднесување на барањата.

Во овој период треба да се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, живина и за заклани животни во кланици.

Министертвото од 2018 година воведува нови мерки за директни плаќања. Дел од нив, се повисоки субвенции и нов модел на субвенционирање во три нивоа за тутунот, 20 отсто повисоки субвенции за растителното производство, односно градинарство, овоштарство, лозарство за земјоделците со потенцијал за развој, директните плаќања во сточарството нудат 10 проценти повисоки суми за истата целна група, 30 отсто повисока поддршка за промена на типот на производство и тоа промена од житни култури во градинарски култури, овошни култури и лозови насади, за вкупни површини помали од пет хектари, 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади заради промена на сортна структура и други.

Во Програмата е предвидена и ставка за исплата на обештетувањата од временските непогоди што се случија во 2016 и во 2017 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...