ЈП Службен весник воведе нова алатка за брзо и лесно пребарување на прописите преку која ќе може да се пребарува по: клучни зборови, предметен регистар, доносител и тип на пропис, поставување на нотификации за сите промени во правната регулатива, како и по пребарување на консолидирани текстови на сите закони на кои им се направени измени и дополнувања.
– Со нашето секојдневно мошне динамично работење, настојуваме да сме над стереотипите, да ги следиме потребите, како на институциите и бизнис-секторот, така и на граѓаните, и тоа постојано, во рамките на нашето мото: квалитет, безбедност, навременост и точност – изјави директорот на ЈП Службен весник Мартин Костовски.
Тој информира дека промотивниот период, првите три месеци од инсталирањето на мобилната апликација, сите заинтересирани можат да го искористат за запознавање со услугата, која регуларно ќе чини 4.500 денари за период од 12 месеци.
– Оваа услуга ја гледаме како особено интересна и полезна за инспекциските служби или за новинарите, односно за сите оние кои се често на терен и во секое време сакаат и треба навреме да добиваат информации за нашето законодавство и движењата во неа – рече Костовски.
Тој најави дека наскоро ќе почне да се објавува и електронско издание на службеното гласило.