На средбите на македонската делегација во тек на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ) во Вашингтон се разгледуваат начини за реализација на проекти за поддршка и развој на македонската економија, меѓу кои е и за отварање нови градинки и реновирање на постоечките, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
– Оваа година СБ слави 25 годишнина и значајно е да истакнеме дека Македонија прима огромна помош од оваа институција. Разгледуваме можности за идна соработка. Еден од поважните проекти за кои разговараме е помош во социјалната сфера во висина од 35 милиони долари за отварање нови градинки и реновирање на постојните, како и подобро таргетирање на социјалната заштита – изјави за МИА министерот за финансии Драган Тевдовски.
Министерот Тевдовски и гувернерот на Народната банка на РМ Димитар Богов, денеска и утре имаат средби со заменик-претседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Миле, директорт на банката за Југоисточна Европа, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, како и со извршниот директор на СБ, Френк Хемскирк и со шефот на мисијата на ММФ за Македонија, Јасмин Рахман.
Како што информира Тевдовски, друг значеан проект поддржан од Светска банка би можел да биде за олеснување на трговијата и транспортот во регионот, а Владата разговора и со други институции како Европската инвестициска банка, каде се аплицира за кредитна линија од 100 милиони евра.
– Средствата ќе се спроведуваат преку Македонската банка за поддршка и развој која се очекува да дава евтини кредити за малите и средни претријатија за инвестиции, кои ја движат економијата – изјави Тевдовски.
Според него, Владата има начини и планови како да ги врати напластените долгови од претходната власт.
– Факт е дека наследивме еден растечки долг којшто беше 23 отсто од БДП и дојде до 47 отсто од БДП до крајот на 2016 година. Има огромни долгови во годините кои што следат како еврообврзницата од 500 милиони евра во 2021 година и 155 милиони евра кредит што треба да се врати. Вкупно имаме долг од околу 835 милиони евра само главница, плус камати – укажа министерот.
Владата, дополнува, има механизам за управување со тие долгови, како што е успешно издадената еврообрзница на почетокот на годинава со најниска каматна стапка досега од 2.75 отсто со што се обезбедува огромна заштеда во каматите ако се спореди со претходните еврообврзници со многу повисоки камати.
– На домашниот пазар издадовме државни записи и обврзници со многу пониски каматни стапки од кредитите кои што ги враќавме и како резултат агенцијата Фич го промени кредитниот рејтинг на Македонија од негативен во позитивен. Исто така, на почетокот на јануари ги намаливме каматните стапки на издадените државни записи и обврзници – вели Тевдовски.
Во однос на даночната политика и прогресивното оданочување на песоналниот доход, министерот истакнува дека воведувањето на праведен данок е дел од програмата на Владата.
– Персоналниот данок на доход нема да се зголеми за мнозинството, но ќе воведеме праведност во оданочувањето – изјави Тевдовски.
Најавува и дека со новиот закон за јавни набавки ќе се промени системот за таа намена во Македонија и оти ќе постои многу поголема транспарентонст, ќе нема проблематични бирократски процедури и ќе се постават механизми за спречување злоупотреби.
– Во моментов доставен е Предлог закон на јавен увид и изработен заедно со Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Организиравме неколку јавни дебати низ Македонија од кои добивме повратни сугестии од страна на договорните органи, од локалните институции како и од невладините организации. Сите заедно партиципираме за да се изработи европски закон за јавни набавки – изјави Тевдовски.
Според него, една од најважните работи во новиот закон е тоа што секој договор и анекс ќе мора да бидат поставени во електронскиот систем за јавни набавки на увид на јавноста, како важен механизам за спречување злоупотреби.
Како што вели Тевдовски, Владата се уште го разгледува барањето на ММФ за зголемување на старосната граница за пензионирање.
– Соработуваме и со ММФ и со СБ, добиваме различни идеи, но во моментов не размислуваме за подигање на старосната граница. Работиме со меѓународни експерти кои укажуваат што треба да се направи. Претходната Влада остави долг во пензискиот систем од 500 милиони евра и ние сега го средуваме тој проблем – изјави министерот Тевдовски.