Посветена работа, грижа за вработените и филантропија, се најважните нешта што мојот татко и шеф ми ги пренесе во наследство, како фокус во работењето. Со оглед дека семејството е пред сѐ, не е едноставно да се докажуваш во семејниот бизнис, да балансираш и да бидеш успешен во предизвиците кои изобилуваат со сензитивност, некогаш меѓу два огна да го најдеш најдоброто решение и сите да бидат задоволни,. Вака Драгана Д. Чифлиганец, извршна директорка на градежната компанија Адора инженеринг го објаснуваше патот низ кој таа 13 години успешно чекори во семејниот бизнис, тема на која со панелисти од земјата и регионот, таа дебатираше на самитот Македонија 2025, кој се одржа во Скопје.
– Вработените, нивната постојана едукација и усовршување, мотивирање и наградување, се од најголема важност за успешна работа на секоја компанија, каде тимот треба да функционира како едно семејство со иста визија и вредности – вели Драгана Чифлиганец, потенцирајќи дека таткото, докажаниот бизнисмен и стопанстеник Ванчо Чифлиганец, тоа длабоко им го всадил нејзе и на нејзиниот брат, како императив во работењето, проширувајќи ги вложувањата, во спортот, културата и општеството со околу 5 милиони евра и многу љубов за изградба на подобар, похуман и порамноправен свет.
Зборувајќи за генерациските судири во семејниот бизнис, Драгана Д. Чифлиганец, докажан поборник за воведување нови, пионерски решенија, како ИСО стандардите, енергетски ефикасните домови и континуираната грижа за клиентите, потенцира дека во зацврстување на нејзината позиција во компанијата најважни биле упорноста и доследноста, успешно реализираните проекти, дипломатските вештини, незаземање страна, користњето на „џокерите“ како ќерка и вработена во вистинско време и пред сè, задоволството на клиентите, како најрелевантен критериум.
Самитот Македонија 2025 што по осми пат се одржа во Скопје, со околу 400 домашни и странски учесници од областа на бизнисот, претприемништовото, лидерствотото, иновациите, технологиите и борбата против загадувањето, се стреми нашата држава да биде рамноправна со европските, за што секој поединец може да даде личен придонес во изградба на подобар стандард и подобро општество.