Австрискиот филм „Лилијан“ по сценарио и режија на Андреас Хорват е прогласен за најдобар меѓу осумте филма во официјалната селекција на 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“ кој беше затворен вечерва во кино „Милениум“.
Филмот раскажува за руска емигрантка во Њујорк која откако ѝ истекува визата решава да се врати пеш во родната Русија. Според жирито (Маријана Гаивао, Кјара Катерина и Владимир Ангелов) „приказната за едно необично обземачко патување е врамена хируршки прецизно… приказна за суровоста на природата минувајќи низ браздите на една скршена земја која не изгледа така оддалеку“.
Награда за најдобра режија во оваа селекција доби Мехмет Акиф Бајакаталај – режисер на германскиот филм „Орај“, а за најдобро сценарио е награден „Душичка“ по сценарио и режија на Монија Медур (копродукција на Франција, Алжир, Белгија и Катар).
Од шесте филма во натпреварувачката програма „СинеБалкан“, награден е „Сестра“, втор филм на бугарската режисерка Светла Цоцоркова. Според жирито за оваа селекција (Кујтим Чашку, Наташа Петровиќ и Сања Дракулиќ), филмот е награден поради „тематскиот пристап кој отскокнува од клишеата при раскажување балкански приказни… во кој на поетичен начин откриваме една општествена драма за обичниот човек“.
Во оваа програма е доделена и Специјална награда – за филмот „Куќата на Ага“ во режија на Линдита Зеќирај, „поради начинот на кој го третира проблемот со трговијата со луѓе, фокусирајќи се на вистината и идентитетот“.
Награда за најдобар студентски филм доби „Бела соба“ на Младен Станиќ, а Наградата за млади (Youth Cinema Award) која „Синедејс“ ја доделува во соработка со фестивалот „Џифони Македонија“ ја доби „Душичка“ на Монија Медур.
Годинава првпат е доделена и награда за најдобра оригинална музика во филм. Жирито (Дарија Андовска, Александар Пејовски и Влатко Галевски) одлучи да бидат наградени два филма – Специјална награда за филмот од Словачка „Со остар нож“ за музиката на композиторот Михаил Новински, а главната награда во оваа категорија му беше доделена на Туркман Суља, композитор на музиката во данскиот филм „Дански синови“.
Фестивалот „Синедејс“ вечерва заврши со филмот „Зад хоризонтот“ – белгиско-француска копродукција во режија на Делфин Лереси, која заедно со продуцентката Елена Тати присуствуваа на проекцијата. Во продукцијата на филмот, во кој главна улога е француската актерка Летиција Каста, учествуваше и „Кино око“ со продуцентот Роберт Насков. Снимен е минатата година во Пелагонија со поддршка на Агенцијата за филм и имаше и македонска екипа.
-Со овој филм докажавме дека во Македонија може да се снимаат и големи продукции, со големи ѕвезди, рече Насков по проекцијата на филмот.
Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во изминатите девет дена имаше 97 филмски проекции, шест работилници, две промоции на книги, една изложба на фотографии и седум концерти.