Ангеловска: Предизвик за земјава е да ја зголемиме продуктивноста

Зборувајќи за лидерството таа посочи дека е најважно да се имаат организациони способности, способност да се сослушаат останатите и да се биде грижлив за тоа како се чуствуваат вработените, како и да се извлече најдоброто од нив.

137

Еден од предизвиците за нашата земја е зголемување на продуктивноста. Затоа зборуваме за инвестирање во човечки капитал, односно колку сме вложиле во надградување на луѓето, колку сме го искористиле нивниот целосен потенцијал на работните места и во општеството воопшто, рече министерката за финансии Нина Ангеловска зборувајќи на панел-дискусијата „Македонците кои се искачуваат во бизнис елитата“ на самитот „Македонија 2025“, што се одржува овие два дена во Скопје.

– Продуктивноста е насочена кон креирање вредност. Вредноста не мора секогаш да се проценува во пари, парите се еден од резултатите. Продуктивноста не е нешто што се случува само од себе, тоа е посветеност, планирање, самодисциплина. Една од работите кои се предизвик за нашата земја е да ја зголемиме продуктивноста. Затоа зборуваме за инвестирање во човечкиот капитал, односно во развојот и колку можеме да го користиме потенцијалот. Тоа на крајот се одразува на тоа колку сме продуктивни на нашите работни места, во животот, колку сме продуктивни како општество во целина и колку придонесуваме за развој на нашата земја – рече Ангеловска.

Зборувајќи за лидерството таа посочи дека е најважно да се имаат организациони способности, способност да се сослушаат останатите и да се биде грижлив за тоа како се чуствуваат вработените, како и да се извлече најдоброто од нив.

– Да имате „емоционална интелигеција“ и да се грижите за луѓето, да бидете поддршка за своите вработени, тоа е многу важно во лидерството. Добриот лидер е оној кој е способен да создаде нови лидери и да биде среќен за успехот на другите луѓе – рече Ангеловска.

Таа истакна дека и менторството е важно за креирање на кадри кои ќе можат да одговорат на соодветните потреби на организацијата или институцијата, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...