Поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумбер, кој најави можност да се кандидира на американските претседателски избори 2020., даде 100 милиони долари во кампања со онлајн реклами против претседателот Доналд Трамп.
Тој денеска на Твитер го потврди почетокот на кампањата, која во Њујорк ја најави неговиот советник Хауард Волфсон. „Ова е моментот кога сите треба да се вклучат. Директно ќе се бориме против Трамп“, напиша Волфсон.
Рекламите со кои се критизира Трамп се насочени на Аризона, Мичиген, Пенсилванија и Висконсон – четирите држави кои би можеле да бидат неодлучни во изборот меѓу демократ и републиканец во 2020 и поради тоа клучни за претседателските избори.
Поранешниот градоначалник (77) презеде неколку чекори во последните денови кон кандидатура за номинација од Демократската партија и се регистрираше како кандидат во Алабама и Арканзас.
Во вторникот тој рече дека е близу до донесување конечна одлука, а неговата евентуална кандидатура предизвика различни реакции. Според едни, осмиот човек на листата на најбогати според Форбс е одличен избор поради неговото богатство, карактеристики на деловен човек и активностите насочени кон борбата против климатските промени. За други, пак, тој е мотивиран од стравот дека одредени демократи би можеле да ги исполнат ветувањата и да воведат големи даноци за екстремно богатите заради ублажување на нееднаквоста.