Соработка во трговијата, eнергетиката, туризмот, транспортот, земјоделството, образование, наука и култура, иновации и високи технологии и надворешна соработка. За ова се разговарало и за поголемиот дел од овие области е постигната согласност денеска во Охрид помеѓу владините комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка на Македонија и на Руската Федерација.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, којшто е ко-претседавач на Комисијата од македонска страна, посочи дека 9 – тата седница на Меѓувладината Комисија за трговско – економска и научно – техничка соработка се одржува после 5 години пауза.
– Како држави покажавме интерес за заедничка соработка, тоа се покажа и на вчерашниот бизнис форум на којшто присуствуваа не само делегации, туку и претставници од коморите на двете држави, коишто разговараа и имаа можност да да се запознаат за потенцијалите за инвестиции, се со цел да се јакне економската соработка со поддршка од двете влади. Ние од македонска страна ги запознавме што ние планиравме во делот на инвестициите во земјоделството, ги запознавме со планот за инвестиции во откупно-дистрибутивни центри, исто така за можностите за инвестиции во земјоделско земјиште и друго. Се надевам со овие соработки ќе иницираме интерес и од нивна страна, како и јакнење на економските врски помеѓу фирмите – изјави Димковски.
Заменик-министерот за трговија и индустрија на Руската Федерација и претседател на Комисијата од руската страна, Алексеј Груздев, посочи дека двете држави имаат потенцијал за соработка во повеќе области како што е транспортот, патната инфраструктура, земјоделството, додавајќи дека на бизнис форумот беа понудени интересни проекти помеѓу бизнис заедницата од двете држави.