Комисијата за финасирање и буџет денеска ќе расправа за одобрувањето на државна гаранција на новиот кредит на Јавното претпријатие за државни патишта од кинеската Експрт импорт банката во износ 179,7 милиони долари (163 милиони евра) наменет за реализација на дополнителното финансирање на изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Потоа собранието во скратена постапка ќе треба да ја одобри гаранцијата за кредитот.
Кредитот е со рок на отпла од 20 години, со вклучен грејс период од 5 години кои ќе бидат отплаќани во 30 еднакви полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 20 април и 20 октомври. Каматна стапка е фиксна каматна стапка и ќе изнесува 2% на годишно ниво за целото времетраење на заемот.
Јавното претпријатие за државни патишта ќе и плати на Експорт – импорт банката на Кина еднократна провизија во износ од 0,25 % од износот на заемот (449,2 долари), во рок од 30 дена од датумот на влегување во сила на Договорот за заем, а ќе плаќа и провизија на неповлечените пари во износ од 0,25% на годишно ниво.
Ова е трет анекс на Договорот за заем за овој автопат кој беше потпишан во 2013 година на износ од 411 милиони евра. Лани со банката беа потпишани два анекс договори во мај и септември со кои требаше да се откочат градежните работи на автопатот. Во септември лани владата овозможи да се користат 205 милиони евра. Третиот анека на договорот владата го одобри во ноември лани.
Досега во рамки на проектот, како што стои во предлог законот за гаранција на кредитот, се повлечени 315,6 милиони долари (287 милиони евра) од заемот. Пробиени се околу 96% од трасата (пристапни патишта и дел е полн профил на траса). Се работи на земјените работи, пропусти, косини и асфалтирано е со прв слој од асфалт во должина од околу 18 км. Вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 76,65%. Рокот за градба е продолжен до 30.06.2021 година и рокот за повлекување на средства од заемот е продолжен до 31.12.2021 година.
Изградбата на оваа делница од Коридорот 8 започна во февруари 2014 година, но неколку години подоцна се утврдија сериозни пропусти во проектната документација.
Специјалното јавно обвинителство ги гони поранешниот премиер Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за транспорт Миле Јанакиески и други функционери на поранешната влада во случајот „Траекторија“, токму поради договорот за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Штип-Миладиновци. Според СЈО, тие потпишале штетен договор со Синохидро со кој го оштетиле буџетот за околу 150 милиони евра.
Деновиве поради застареност на делото Груевски беше ослободен од обвинението но за останатите сѐ уште се води судска постапка.