Ангеловска-Бежоска: Потребни се структурни промени за повисок раст

На оваа панел-дискусија на самиот „Македонија 2025“, покрај гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваа и регионалниот главен економист на Европската банка за обнова и развој, Петер Табак, раководителот на канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд за Република Србија, Себастијан Соса и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

94

Со оглед на фактот дека нивото на доходот кај нас е само околу 37 отсто од европскиот просек, еден од главните предизвици за нашата економија е постигнувањето повисок степен на реална конвергенција кон економијата на Европската Унија. Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на самиот „Македонија 2025“, која учествуваше на панел-дискусијата на тема „Југоисточна Европа: Раст на неизвесности или посветла иднина?“.

Ангеловска-Бежоска посочи дека побрзата реална конвергенција бара повисоки стапки на економски раст, а тоа е можно само ако се зголеми потенцијалот за долгорочен раст. Затоа, како што рече, неопходни се структурни промени кои ќе влијаат позитивно на трите долгорочни фактори на раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста.

Како што соопшти Народната банка, гувернерката стави акцент на политиките што треба да придонесат за поголема искористеност на факторите на економскиот раст. Во однос на трудот како фактор, таа ги наведе потребата за зголемување на стапката на учество, намалувањето на јазот помеѓу побарувачката и понудата на одредени вештини и зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал. Одделно се осврна и на потребата од зголемување на инвестициите, особено во инфраструктурата, истражувањето и развојот, со оглед на тоа што показателите упатуваат на постоење поголем јаз во однос на поразвиените економии. Актуелните податоци за вкупната продуктивност во нашата економија, пак, според Ангеловска-Бежоска, јасно посочуваат на потребата за продолжување со структурни и институционални реформи со цел поддршка на продуктивноста и забрзување на реалната конвергенција.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на улогата на дијаспората во економскиот развој на земјите од каде што потекнува. Притоа таа посочи дека дијаспората може да даде значаен придонес преку повеќе канали: приватните трансфери, поттикнувањето на странските инвестиции, поттикнувањето на трговијата, но и трансферот на знаењето и вештините, што може да влијае позитивно на продуктивноста и конкурентноста на малите економии.

На оваа панел-дискусија на самиот „Македонија 2025“, покрај гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваа и регионалниот главен економист на Европската банка за обнова и развој, Петер Табак, раководителот на канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд за Република Србија, Себастијан Соса и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...