Двајца актери вчера попладне биле приведени во полициската станица во Гостивар по пријава дека ги попречувале активностите на Гостиварскиот театар. Актерите сметаат дека се неправедно отстранети од претставата и дека за тоа не добиле образложение.
Актерите Берат Салији и Арѓент Хасани денеска дадоа појаснување за вчерашниот настан и бараат одговори и реакции на надлежните иснтитуции.
– Ние бевме дојдени на проба со останатите актери, но бевме изнесени со лисици на рацете од театарот. Наводно сме ја попречувале работата. Нејасна е реакцијата на директорот Висар Вишка, бидејќи ние баравме и уште бараме образложение зошто сме отстранети од претставата која почна да се подготвува во април годинава. Ние ќе си ги бараме правата и да се вратиме во актерската екипа – вели Арѓент Хасани.
Неговиот колега Берат Салији, кој претходно беше назначен за директор на Гостиварскиот театар, смета дека ваквите постапки имаат политичка заднина и мотиви кои немаат врска со културата и театарот.
– Бев ангажиран од самиот почеток на подготовките на претствата „Натан мудриот“, а по мојата смена како директор, бев отстранет и од претставата на нејасен начин. Наводно не сме ги почитувале дисциплината и режисерските насоки. Но, повеќе од јасно е дека мотивите за оваа „игра“ се политички мотивирани – вели Салији.
Вршителот на должноста директор на Гостиварскиот театар, Висар Вишка за МИА потврди дека тој ја повикал полицијата, бидејќи бил нарушен работниот процес.
– Бев принуден на таков чекор и како одговорен за редот, морав да побарам помош од полицијата. Тие и претходно попречија проба, но успеавме некако да се разбереме. Суштината на целата работа е што тие двајца актери и претходно побараа да се смени режисерот Сулејман Рушити. Тоа е нелогично. А, за да продолжиме со работата и обврските, решивме да најдеме нивна замена. Тие се отстранети бидејќи не ја почитуваа дисциплината и не доаѓаа на проби – изјави Вишка.
Актерите кои се отстранети од претставата најавуваат дека правдата ќе бараат по институционален пат.
Од СВР Тетово го потврдија настанот и дека интервенирале на поплака во Гостиварскиот театар. Случајот целосно е расчистен и против А.Х. изготвен е соодветен поднесок за сторен прекрошок од областа на јавниот ред и мир.
Гостиварскиот театар беше формиран на почетокот на годината со владина одлука. Во него треба да работат 30-тина професионални актери и технички персонал. На почетокот на септември, дојде до смена на раководното место. Според програмата, оваа година требаше да бидат поставени три претстави, но досега не е одиграна ниту една. Поголемиот дел од вработувањата веќе се реализирани и се работи на обезбедување просторни услови во Ценатрот за култура АСНОМ Гостивар.