Со договорно производство, годинава се откупени три пати повеќе количества сончоглед од лани. Заштедени се девизи за увоз, а и кај земјоделците се врати желбата да сеат, па оваа култура полека се враќа на нашите ниви.
Ова е резултатот од проектот Договорно производство на сончоглед 2019 во организација на Асоцијацијата на производители на сончоглед, откупувачот – фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес и Владата.
– Лани откупивме 2.300 тони, годинава со договорното производство имаме околу 7.000 тони сончоглед од домашно производство. Задоволни сме од откупот, заштедивме девизи за увоз, а не охрабрија и земјоделците со желбата да сеат и полека да го враќаме сончогледот на македонските ниви – изјави генералниот директор на „Благој Ѓорев“, Горанчо Лазов.
Земјоделците се задоволни од соработката со фабриката. Велат дека била коректна и го почитувала договорот.
– Годинава имавме зголемен интерес за сеење сончоглед поради сигурниот пласман, но и зголемените субвенции од страна на државата која излезе во пресрет на нашите барања. Уште да не послужеше времето, ќе имавме рекордни приноси – истакна претседателот на Асоцијацијата на производители на сончоглед, Никола Петковски.
Со ова позитивно искуство од реколтата 2019, работната група ја најавува новата кампања на Договорно производство за 2020 година.
– Ќе одржуваме трибини, средби со земјоделците во цела држава каде што успева оваа култура и ќе разговараме како до повисоки приноси и подобар квалитет. Разговараме со Лазов, во договорите да има и загарантирана цена под која нема да може да се оди. Ако на берзата цената е повисока, тогаш да се доплати до берзанската цена. Сметам дека ова ќе значи уште поголем мотив за производителите заедно со значително зголемените субвенции за сончоглед од страна на државата – рече Ленче Николовска од Агротим.мк – специјализирана платформа за информации од агркомплексот и агроберза.
Во работната група за Договорното производство на сончоглед е вклучена и фирмата „Биспромет Агроцентар“ од Битола, преку авансирање семе и други репроматеријали во соработка со „Благој Ѓорев“.
– Во соработка со „Благој Ѓорев“, ќе им дадеме на земјоделските производители семенски материјал и други репроматеријали на одложено плаќање. Нашите семиња се висококвалитни, од познати еропски и светски семенарски куќи, докажани во светот и гарантираат висок и квалитетен принос. Особено е важно што сортите се прилагодени на нашите климатски и почвени услови со цел земјоделците да добијат висок принос и да заработат од производството – рече директорот на „Биспромет Агроцентар“, Никола Ѓероски.
Кампањата ќе почне следната недела со трибина во Битола, а потоа се планирани средби со земјоделците во Прилеп, Свети Николе, Велес, Куманово, Битола и други региони каде што успеава сончогледот.