Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,9 милијарди евра, а во фокусот ќе биде човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор. Педесет и шест отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал. Во 2020 година се планира да се соберат 3,6 милијарди евра како резултат на поголем даночен опфат и фер даночни процедури. Буџетскиот дефиците е проектиран на 2,3 отсто од БДП.
Ова го посочија на денешната прес конференција наменета за Буџетот за 2020 година, премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска.
Заев во своето излагање рече дека во средиштето на креирањето на политиките се граѓаните и растот на нивниот стандард.
– За секој денар на граѓаните се водеше сметка каде ќе биде најдобро и најпродуктивно искроистен во полза на придобивките на нашите граѓани. Сепак, капиталните инвестиции остануваат повеќе од 23 милијарди денари која е вообичаената ставка во буџетот. За да биде скроен по мерка на граѓаните, вој буџет е влог во луѓето, во човечкиот капитал – рече Заев.
Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.
Заев рече дека со мерките кои се поддржани од буџетот за наредната година, повисоките плати во повеќе сектори и пензиите, растот на потрошувачката 3,3 отсто планирано е намалување на невработеноста на 16 отсто и на вработеноста на 48 отсто. Бруто инвестициите ќе растат со осум отсто, а стапката на инфлација ќе биде 1,7 отсто. Цените ќе бидат стабилни.
Министерката Ангеловска смета дека предложениот буџет за следната година е реален.
– Причината поради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот -рече Ангеловска.
Ангеловска појасни дека буџетскиот дефицит за 2020 година е определен на ниво од 2,3 отсто, односно на пониско ниво од годинавашто е важно како што рече е важен показател на силната определба за фискална консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти.
Предлог-буџетот за наредната година ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.