Музика од Шопен и Падеревски ќе свири полскиот пијанист Карол Раѓивонович

94

Полскиот пијанист Карол Раѓивонович вечерва од 20 часот ќе настапи во малата сала на Филхармонијата во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“. Концертот го организира Полската амбасада и е по повод 101 година од возобновувањето на независноста на Полска што се одбележува како националниот празник на 11 ноември.

Пијанистот со долгогодишно искуство и меѓународна кариера Раѓивонович пред македонската публика ќе настапи со дела од најпознатите полски композитори Фредерик Шопен и Игнациј Падеревски.

Раѓивонович е едуциран во Полска и во САД, имал голем број настапи на сите континенти и  соработувал со познати симфониски оркестри и со истакнати диригенти. Во 2001 година во „Карнеги хол“ во Њујорк со „Sinfonia Varsovia“ ја извел Пијано фантазија на Падеревски на 60-годишнината од неговата смрт, а на многу светски сцени и музички фестивали настапил со полски музички рецитали и програма со дела од Шопен. Бил основач и повеќе години претседател на жирито на натпреварот за млади пијанисти „Chopin Golden Ring“ во Словенија.

По повод гостувањето на Раѓивонович, амбасадорот на Полска Војциех Тицињски на прес-конференција на која беше објавена програмата на годинашните „Есенски музички свечености“, истакна дека културната соработка е особено значајна и најави наскоро и Фестивал на полски филм, Денови на полска кујна и ревија на цртани филмови од полската кинематографија.

Следниот програмски термин на 20. „Есенски музички свечености“ е 15 ноември од 20 часот во фоајето на НОБ и настапот на камерниот оркестар „Профундис“. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...