Како Влада мора да ги решаваме тековните проблеми, а ако ги прашате стопанствениците човечкиот кадар им е најголемиот проблем со кој се соочуваат и токму затоа создаваме услови за зголемување на платите, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Мора да им помогнеме на компаниите да ги задржат луѓето. Затоа во фокус на Предлог буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал. Зголемувањето на платите и пензиите не е предизборен поткуп, туку се заснова на растот на економските бројки во последните две години – рече Анѓушев во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на ТВ Телма.
Со помало задолжување на државата, потенцира, имаме раст на економските бројки и остваруваме подобри резултати.
Како пример посочи дека во периодот од 1 јули 2013 до 1 јули 2015 година просечната плата пораснала за 821 денар, од 2015 до 2017 година за 842 денара, а од 2017 до 2019 година за 2.790 денари. Во истиот период од 2013 до 2015 се отворени нови 21.119 работни места, од 2015 до 2017 година 40.314, а од 2017 до 2019 година 54.391 нови работни места.
– Тоа го прави реалната економија и отворените работни места. Во ПИОМ влегуваат нови пари заради новоотворените работни места и порастот на просечната плата, а ќе дојдат и нови пари поради субврнционирањето на растот на платите од 600 до 6.000 денари. Логично е и пензионерите да го почувствуваат растот на платите и на приливите во Фондот. Овие мерки и политики се подготвуваа пред неколку месеци, односно пред да знаеме дека ќе има предвремени избори поради недобивањето датум за пристапни перговори со Европската Унија – посочи Анѓушев.
Вицепремиерот демантира дека најавеното покачување на платите кај медицинските работници е дел од изборната кампања.
– Доколку не се покачат платите на медицинските работници ќе останеме држава без доктори. За покачувањето се говореше уште во јуни минатата година, тоа не е нешто ново. Сега се создадоа услови да може да се реализира – потенцира Анѓушев.