Моралес тврди дека постои нелегална наредба за негово апсење

58
ФОТО: EPA / Martin Alipaz

Боливискиот претседател Ево Моралес, кој синоќа поднесе оставка на функцијата под притисок на војската, тврди дека постои „нелегална“ наредба за негово апсење, додека официјални полициски претставници дементираат дека постои таква наредба.

Моралес тврди дека власта сака да го уапси сега кога се откажа од функцијата под притисокот предизвикан од повеќенеделните социјални немири заради нерегуларните избори.

„Го информирам боливискиот народ и светот дека еден полицаец јавно објави дека има упатства за спроведување противправна наредба за мое апсење. Освен тоа, насилни групи упаднаа во мојот дом“, напиша Моралес на Твитер.

Од друга страна, командантот на полицијата тврди дека не е распишан налог за апсење на Моралес, чие престојувалиште во моментов е непознато, пренесуваат американските медиуми.

– Не постои наредба за апсење на претседателот Моралес – изјави шефот на боливиската полиција Јуриј Калдерон, додавајќи дека станува збор за „лажни вести“.

ФОТО: EPA / Martin Alipaz

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...