Австрија нема да дозволи на турски политичари да водат кампања на нејзина територија

Австриската десничарска коалициска Влада, која е против членство на Анкара во Европската унија, ќе им забрани на турските политичари да водат кампања на нејзината територија пред изборите во јуни во Турција.

96

Австриската десничарска коалициска Влада, која е против членство на Анкара во Европската унија, ќе им забрани на турските политичари да водат кампања на нејзината територија пред изборите во јуни во Турција, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган неделава свика предвремени парламентарни и претседателски избори, со цел Турција да може да премине кон посилен нов систем на извршно претседателство, кој беше тесно одобрен на референдумот минатата година.

Пред тој референдум, турските министри се обидоа да добијат поддршка во земјите со големи турски заедници, како што се Холандија и Германија. Тие земји воведоа забрани поради безбедносни причини кои го налутија Истанбул, а Ердоган и некои од неговите сојузници во тоа време ја споредија германската Влада со нацистички режим.

– Турското раководство на Ердоган со години се обидува да ги искористи европските заедници со турско потекло. Турските предизборни кампањи во Австрија се непожелни и затоа нема повеќе да ги дозволиме, изјави Курц за радиото ОРФ.

Во Австрија има неколку стотици илјади луѓе кои се Турци или се со турско потекло. Конзервативците на Курц се во коалициска Влада со анти-исламската Партија на слободата, со што Австрија е единствената западноевропска земја која има екстремно десничарска партија во Владата. Двете партии веруваат дека Европската унија треба да ги прекине разговорите за членство на Турција.

Курц истакна дека Австрија ќе спречи предизборни настани на сите турски политички партии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...