Скопјани коишто живеат во околина на Охис утринава ги разбудила непријатна миризба, по што се исплашиле и почнале да се јавуваат на надлежните инспекторати. Плусинфо дознава дека чистејќи ја со вода цистерната, во која претходно бил складиран метил акрилат мономер којшто веќе бил спакуван во буриња и подготвен за извоз во странство, попуштил вентилот и во кадата која е надвор исцурила течноста, што ја предизвикало миризбата во околината.
Дали и колку таа е опасна по жителите од околината, засега нема поконкретни информации. Екипите на Државниот инспекторат за животна средина, инспекторите на Град Скопје, веќе се на терен и вршат увид по овој најнов еколошки инцидент, а се очекува да пристигне и екипа од МВР.
– Во овој погон се врши препакување хемикалии, т.н. историски отпад, во случајов метил акрилат мономер, којшто се пакува во буриња и се извезува во странство. Вчера ја переле цистерната и притоа вентилот попуштил и течноста, водата и минимални остатоци од акрилатот, се излеале во бетонска када која е надвор, па затоа се почувствувала миризба во околината, којашто кренала паника кај дел од жителите. Иако течноста која испарила е многу разредена, бидејќи со тоа се перела цистерната одвнатре, сепак, поради миризбата има мала вознемиреност кај дел од граѓаните кои живеат во околината на Охис. Инаку отпадот што се препакува не е отсега, тој е од многу порано и е историски отпад, за којшто фирмата којашто го пакува и извезува има дозвола – изјави за Плусинфо еден од инспекторите за животна средина кој вршеше увид на теренот.