Голем број од нашите компании се подготвени за членството на земјата во НАТО и ние како држава во континуитет преземаме мерки за да им го олесниме работењето, а со тоа да можат да бидат конкурентни и со компании од поразвиени држави, имајќи предвид дека најразвиените земји членуваат во НАТО, рече министерот за економија Крешник Бектеши во обраќањето на панел дискусија на тема „Македонската бизнис заедница како партнер на НАТО“ во рамки на НАТО Караванот, што се одржа вечерва во Струмица.
Додаде дека е убеден преку мерките кои ги презема Владата, а кои се создадени заедно со стопанските комори и бизнис заедницата, македонските компании ќе бидат конкурентни на пазарите.
– Ние го создадовме Планот за економски раст, кој е потполно транспарентен. Тој план им дава на компаниите предвремено да знаат како ние како држава ги помагаме, а не тоа да биде дискреционо право на министер, на вицепремиер или пак на некој вршител на функција, а со тоа компаниите веќе го покажуваат резултатот, а тоа го покажуваат и бројките што произлегуваат од страна на Државниот завод за статистика. Значи, имаме раст на индустриското прозводство, намалување на невработеноста во државата и во континуитет се зголемува просечната плата, а со последната мерка за зголемување на минималната плата секако дека тоа ќе биде спирала за зголемување на сите плати и ќе се мотивираат работниците и со тоа ќе станат попродуктивни, а нашите компании ќ бидат поконкуретни не само во регионот, туку и на пазарот во НАТО – истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.
Амбасадорот на Република Словенија во Северна Македонија Милан Јазбец, го пренесе искуството на неговата земја.
– Членството во НАТО значи зголемена сигурност, стабилност и од таа страна значи едно голема атрактивност за странски инвестиции. Со членството во НАТО земјата влегува во еден список на земји во кои се исплаќа да се инвестира. Тоа дава една можност на компаниите да конкурираат за работа на НАТО тендерите, но тоа значи дека компаниите треба да се многу добро подготвени и да понудат квалитет и ефикасност. По правило и од искуство на државите кои влегоа во НАТО во 2004 година од 10 до 30 проценти се зголемени странските инвестиции – рече словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски истакна дека пред македонските компании, вклучително и оние од Струмица и Струмичкиот регион, исправена е можноста за осовременување на своите постоечки капацитети, стремежи за достигнување на повисоки стандарди и подобар квалитет, создавање на сопствени НАТО-брендови, како и преземање на дополнителна улога за модернизација и опремување на армиите на земјите членки на НАТО.
На панел дискусијата присуствуваа претставници на бизнис заедницата од Струмица, а караванот го организира „Инфо центарот за евроатланските интеграции“.