Во Културно информативниот центар – Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата „Можам да те видам во темнината“ од Елита Алити и Сокол Марковски. Изложбата е посветена на слепите лица.
– Со колегата Сокол Марковски, со изложбата насловена „Можам да те видам во темнината“ сакаме да дадеме акцент на луѓето со посебни потреби т.е. конкретно слепите луѓе. Во таа насока, сакаме да ја промовираме нашата жаложба за нивните права и потреби, за нивно интегрирање со општеството. Да ја подигнеме свеста на луѓето за лицата со посебни потреби и нивната улога во самото општество за да не се чувствуваат дискриминирани од средината во која живеаат и опстојуваат. Сакаме да дадеме една состојба за луѓето кои постојат, а сепак се на маргините, без никаква визија во општеството и дека заслужуваат да бидат третирани како секое живо суштество на оваа планета – смета авторката Алити.
Елита Алити е родена во 1995 година во Куманово, а во 2018 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Досега учествувала на неколку групни изложби во земјава.
Сокол Марковски е роден во 1966 во Скопје, а во 2018 година дипломирал на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувал на неколку групни изложби во земјава.