Сасоли: Француското вето е мала пречка која ќе се надмине наредните месеци

Кога се сретнав со претседателот Макрон, му реков дека не носиме одлука за членство, туку за процесот за членство, вели новоизбраниот претседател на Европскиот Парламент.

1479
ФОТО: EPA / PATRICK SEEGER

Во интервју за МИА пред неговата посета на Северна Македонија в понеделник, новоизбраниот претседател на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, вели дека блокадата на преговорите во ЕУ ја освести европската јавност за важноста на ова прашање. За Сасоли, француското вето на последниот самит е само мала пречка на патот која ќе се надмине во наредните месеци.

Претседателе, ќе ја посетите Северна Македонија идната недела, ова е ваша прва посета надвор од ЕУ откако стапивте на функцијата претседател на Европскиот Парламент, зошто ја одбравте Северна Македонија?

Одлучив првата посета надвор од ЕУ да биде во Северна Македонија, а потоа Албанија. Затоа што верувам дека овие две земји направија огромни напори да станат членки на ЕУ, и ние треба тоа да го признаеме и да им помогнеме на нивниот пат кон успехот. Нема да се откажеме. Најдоброто нешто, освен тоа што има мала пауза во процедурите сега е што владите, парламентите и јавното мнение во ЕУ поддржува отворање на пристапните преговори со овие земји. Ова е точно и на север, и на југ и на исток, и на запад на ЕУ. Како во секој демократски процес, се разбира, мораме да постигнеме одлука со консензус. Имаше минорни противења во овој случај, но верувам дека многу скоро ќе можеме да ја надминеме оваа пречка. Северна Македонија и нејзиниот народ тргна на пат кон многу важни реформи и тоа го сторија затоа што веруваа дека тоа ќе ги отвори вратите за членство. Ние ги вреднуваме овие резултати како крајно позитивни. Ова е вистина и во Европскиот Парламент и Европската Комисија но и во огромното мнозинство влади на земјите членки. Имаме заедничка судбина.

Велите дека европското јавно мнение е уверено во ова, но ова се коси со тоа што го кажа францускиот претседател. Тој вели дека неговата јавност е против пристапните преговори за проширување.

Како што реков, се наоѓаме во демократски процес, заснован на консензус. Уверени сме дека има многу важни аргументи за почеток на преговорите за членство со овие две земји и уверени сме дека овие аргументи се силни и ќе ги убедат и тие што уште не мислат така многу скоро.

Дали ова значи дека верувате дека Франција ќе се предомисли? Кога? За три месеци, шест?

Наредните шест месеци ќе бидат многу важни. Мислам дека треба да стигнеме на самитот во Загреб со консензус од европска страна. Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност. Има само една пауза на еден долг пат, но последниот збор сѐ уште не е кажан. Друга работа која за нас е импресивна е тонот на јавната дебата во Северна Македонија: секако дека луѓето се разочарани, тоа е природно, но има силен сигнал на надеж, ова е многу позитивно и мораме да градиме врз тоа.

Велите дека е пауза и дека треба да чекаме до Самитот во Загреб во мај, но во меѓувреме има реални последици. Северна Македонија оди кон избори, националистичките партии се засилуваат, во Србија, претседателот неделава рече дека треба кон себе да се свртат земјите, така што додека чекаме ЕУ да изнајде консензус, не стравувате од негативни последици?

Знаеме дека во моментов има националистички искушенија кои играат против ЕУ, но мислам дека во Северна Македонија про-европските сили се мнозинство и дека мнозинството од населението ја разбира ситуацијата. Ова не е време да се губи надеж. Европскиот Парламент, Комисијата и мнозинството земји веќе се убедени, тоа што треба сега е напор за да ја убедиме другата страна и ова мора заедно да го сториме.

Дали сте загрижени дека француското вети може да му наштети на кредибилитетот на ЕУ, дека ЕУ помалку ќе тежи кога ќе испраќа пораки во земјата и во регионот?

Се изјаснив за ова пред почетокот на последниот Европски Совет и бев многу јасен на оваа тема. Имавме серија барања од Северна Македонија и Албанија и сега мораме да им дадеме сигнал дека се на прав пат. Она што треба е да продолжат со напорите. Колку беше тежок овој пат за Северна Македонија до сега? Колку пречки требаше да надмине со соседите, со ЕУ, за да стигне до ова? Северна Македонија макотрпно работеше на овие реформи и вложи огромен труд. Дали треба сето тоа да се изгуби поради една мала пречка на патот? Не.

Значи велите дека перспективата за членство не е мртва, туку дека ова беше само една мала пречка?

Не, не е мртва, туку е пожива од што беше вчера. Од една проста причина: до скоро за оваа тема не се зборуваше во јавноста. Сега да. И ова е несомнено е предност во процесот кон пристапните преговори. Моторот на ЕУ се граѓаните, а не само лидерите.

Франција нуди реформа на преговарачкиот процес, некои идеи се ставаат на маса како привилегирани партнерство со регионот наместо полноправно членство. Што мислите за ова?

Ова е веќе случај до некаде. Ние не почнуваме од нула. Односите меѓу ЕУ и западниот Балкан се двострани, имаме долга историја. Имало пристапни преговори и многу од ефектите се чувствуваат на економско ниво, на политичко ниво, така што не можеме да кажеме дека почнуваме од нула. Многу е изградено до сега, се наоѓаме во процес, се разбира, и тоа што го правиме е продолжение кон пристапните преговори преку овие области. Секој однос е базиран на бројни фактори, имаме веќе трговија, економија, и сево ова е основата врз која градиме сега. Притоа, Северна Македонија покажа интерес и за други прашања како на пример евроатлантскиот систем на одбрана, што за мене е навистина доказ дека имаат волја да се приближат кон европското семејство.

 Може ли да одговорите со да или не на прашањето: сметате ли дека Северна Македонија треба еден ден да стане полноправна членка на ЕУ?

Ова е токму тоа на што работиме. Не заборавајте дека откако ќе го започнеме преговарачкиот процес ќе има уште многу работа и на страна на ЕУ и на страна на Северна Македонија. Кога се сретнав со претседателот Макрон, му реков дека не носиме одлука за членство, туку за процесот за членство.

И кој беше неговиот одговор?

Добро се познати забелешките на претседателот Макрон. И сигурно не се поврзани со тоа дали Северна Македонија и Албанија имаат европска судбина. Она што тој го вели е дека ни е потребна промена во процедурите и токму затоа мислам дека во иднина се движиме кон преговори.

Мислите ли дека станува збор за политичка тактика на претседателот Макрон за да ја обезбеди неговата моќ во време кога Велика Британија напушта, а Германија е ослабната?

Тоа него треба да го прашате. Но, има и друга линија на земји кои се противат, и тоа не е поврзано со француското противење, таа линија смета дека проширувањето не треба да оди во тој правец, ова се две различни теми.

Кои земји?

Мислам дека земјите кои се противеа на одлуката се добро познати. Меѓутоа, ова е поинаква позиција од француската. Сметам дека проширувањето кон западниот Балкан ни е потребен и сметам дека на западниот Балкан му е потребен исто така – за да се комплетира заедничкиот пазар, слободата на движење, да се зајакне безбедносниот систем, да се дополни европската мапа. Западниот Балкан е во срцето на европската мапа, а надвор од мапата на ЕУ, ние треба да ја затвориме оваа дупка. Имам впечаток дека некои земји на северот на Европа не сфаќаат целосно дека нивната безбедност зависи од овие политика. Но, ова нема никаква врска со Франција.

Рековте пред малку дека некои земји беа против одлуката. Ние имаме информации дека сите земји освен Франција беа за отворање на преговорите со Северна Македонија, дека противењето се фокусирало на Албанија, и дека некои земји отфрлаат секакво одвојување, една од нив е Италија. Сметате ли дека одвојувањето е една од можностите во наредните месеци, посебно со оглед на тоа дека Северна Македонија најдолго чека и направи многу болни компромиси?

Овој процес е изграден на таков начин, затоа сметам дека е разумно развојот да го следи предлогот на Комисијата за двете земји заедно. И двете земји направија огромни реформи, во секакви области, дали во уставот, дали во правниот систем, дали името. Направија напор и Комисијата и Парламентот рекоа дека е важно сега да започнат преговорите.

Но постојат разлики меѓу двете, ова го истакнаа и германскиот и холандскиот парламент, моето прашање и дека ако утре повторно мнозинството каже да за Северна Македонија, дали земјата би можела да биде жртвата на противењата кон Албанија?

Потребно ни е да ги зајакнеме пораките на Комисијата и Парламентот, а тие побараа двете страни да бидат подготвени за преговори, дали е тоа Северна Македонија или Албанија, институциите на ЕУ го утврдија патот, и не смее да се оди скратен пат.

Европскиот Парламент изгласа две резолуции за отворање преговори со земјата, можете ли да и објасните на јавноста колку тежат овие резолуции и колку и што можат да променат?

Имаме различни институции во ЕУ и секоја има своја улога. Она што треба да го имате на ум е дека во сите три, посебно во Парламентот и во Комисијата, имаме солидно мнозинство кое е убедено дека треба да се оди кон преговори. Од друга страна го имаме Советот каде некои забелешки беа упатени, некои елементи се доведуваат во прашање, но секогаш мора да имате на ум дека ова е малцинство влади во ЕУ. Она што е потребно е двете други институции да им помогнат да ги надминат овие забелешки. Во заклучоците на Советот беше многу јасно дека нивната цел не беше да се блокира процесот, едноставно рекоа дека треба нешто повеќе да се направи. Сега треба да се осигуриме дека овие аргументи остануваат на ЕУ агендата за да продолжи процесот, но преку скратен пат, не можеме да го направиме тоа со одвојување, преговорите мора да започнат и со Северна Македонија и со Албанија. Европскиот Совет ќе се наврати на прашањето пред конференцијата во Загреб. За тоа време Парламентот и Комисија ќе треба да докажат дека пречките можат да се надминат и тоа е тоа што ќе го правиме во наредните месеци.

Последно прашање, дали сметате дека Северна Македонија ги исполни сите услови за отпочнување на преговорите? Франција се повика на реформата на јавното обвинителство како една од причините за ветото, иако тоа не беше дел од барањата на Советот. Кој е ставот на Парламентот?

Парламентот многу јасно го изрази својот став. Рековме дека тоа што го направи Северна Македонија е во согласност со барањата на Европската Комисијата, нашиот став е јавен, транспарентен, ние гласавме и резолуцијата останува да важи како што е изгласана.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...