Јасно е дека не е сѐ предизвикано од власта, но власта која не презема ништо, напротив, само ветува промени, додека некого штити или недејствува околу загадувањето, е најголемиот виновник, пишува Ивор Мицковски во својата колумна за Дојче веле.
Сите зборуваме за загадувањето, за нашите депонии, за токсичноста на нашите воздух, почва и вода, но како и да завртиш, излегува дека не сме способни да се фатиме во костец со проблемот. Науката стаса до таму да квантифицира колку од аерозагадувањето завршува во плацентата, колку микрограми пластика завршуваат на дното од океаните, додека во Македонија, секое истражување, секој обид јасно да се детектираат жариштата на загадување, за воопшто да може да се почне до дизајнирање на одржливи политики, завршуваат со популистички ветувања и потоа генерално со непреземање ништо. За надежта дека ни има спас, едно големо, супертоксично – ништо.
Сега голем број невладини организации, поединци, па и меѓународни истражувања, ни посочуваат на главните проблеми, на изворите, на полињата на кои треба да се дејствува, но нашите власти упорно одбиваат да преземат било што. Од време на време, ќе ни се соопштат некакви смешни вонредни мерки (како и се друго во оваа земја, така и мерките против загадувањето мора да се вонредни), како на пример еден ден бесплатен јавен сообраќај. Или, ќе ни објаснуваат „генијалците“ од кабинетите дека домаќинставата се најголемиот загадувач, наспроти меѓународните истражувања кои говорат дека тоа е првично индустријата, па домаќинствата, па дури потоа отпадот и земјоделството. Но не, за нашите власти најлесно е да се каже дека највиновни се домаќинствата, затоа што тоа е најлесното алиби – најлесно е вината да се префрли на сиромашните домаќинства, кои социјалната беда ги принудила да се греат на некавалитетни дрва или на којзнае веќе што.
Јас не сум експерт за областа и немам намера да се обидувам воопшто да го аргументирам секој податок или став. Но, за да се разберат некои приземни манипулации и да се детектираат очигледни нелогичносто, човек и не мора да е експерт. Затоа, имам намера логички да го пренесам тоа што вистинските експерти го зборуваат, тоа што веќе сите здраворазумски го знаеме, а политиката, едноставно, го игнорира.
На пример, веќе сите знаеме дека загадувањето е енормно и летно време, кога нема греење. Летово во јуни и во јули беше измерена загаденост на воздухот со вредност од дури 404 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички кај скопскиот Ректорат. И како тоа да не е проблем за кој треба да се зборува, кај нас цела една година најголем дел од мерните станици не работат. Дванаесет од осумнаесетте мерни станици не мерат концентрација на најситните штетни честички (ПМ 2,5), додека шест мерни станици не покажуваат ниту загадување со ПМ 10.
Или друг пример. Забележуваме дека во многу градови и населби пиковите на загадување драстично осцилираат, што ни кажува дека мора да постојат погони или жаришта, кои покрај веќе енормното загадување, во дадени часови или периоди од денот, загадуваат уште повеќе.
Знаеме и тоа дека имаме правилници со стандарди за загадување стари 50 години, кои ни ги врзуваат рацете во борбата со загадувањето. Јавноста за прв пат се соочи со овој проблем откако во дел од медиумите беше објавено дека малите загадувачи, оние чии ложишта имат сила до 1 мегават, не можат да бидат санкционирани доколку загадуваат – само поради тоа што инспекциските служби треба да постапуваат по важечкиот правилник. А вакви загадувачи има стотици, можеби и илјадници. Власта упорно ја форсира флоскулата „не загадува некој, загадуваме сите“, но очигледно е дека некои загадуваат повеќе од другите, а власта токму нив ги толерира повеќе од нас, граѓаните. Има ли тука некое друго логично објаснување, освен основано сомневање дека и во оваа област имаме солидно разработени корупциски шеми?
Втората најпопуларна флоскула на апологетите на нечинењето е дека загадувањето не се решава за две или три години. Но, тоа е жива глупост! Колку време да ви дадеме? Дваесет, триесет години?! Како и секој друг крупен и алармантен проблем, така и загадувањето се решава со добро алоцирани средства и ресурси, се решава за месец дена, ако имате систем на правна држава и ако се почитуваат законите, ако немате заштитена клиентела и ако развивате ефикасна администрација.
Знаеме и дека на пример Градот Скопје во две години спровело само 1 мерка од 39 мерки или барања на екологистите за справување со загадувањето во градот. И кога тоа ќе им се предочи, кај виновни, каде не одговараат на прашањата и барањата на екологистите, туку уште и се бават со демантирање. Или пак за широката распространетост на депонии околу Скопје во Ново Село, Визбегово, Горно Лисиче, Карпош, Злокуќани, Вардариште, и дека не се презема апсолутно ништо. Или Дрисла, што се случува со таа еколошка бомба, се гори ли уште отпад, се увезувал ли воопшто некогаш токсичен отпад. Не добивме и не добиваме одговори на ниту едно од тие прашања. Се останува на негрижа или шпекулации дека италијанската мафија во Дрисла горела токсичен отпад. Но, кога Гринпис ќе открие месецов дека во Гливице, Полска, се пронајдени 45 тони италијански отпад, човек се прашува колку тоа што се зборува е можеби вистина.
Како да се објасни фактот дека од сите мерки донесени од Министерството за животна средина, не е реализирана ниту една. Секако, ако не се сметаат промотивните паради. Напротив, со ланскиот ребаланс на буџетот, државата дури и ги намали средствата за борбата со ова зло. Случајно? Логично? Разумно?
Знаеме и од извештајот на Европската комисија дека дури и кога државата има добри закони или стратегии од областа на заштитата на животната средина, таа нема капацитети да ги примени. Знаеме дека не се алоцираат доволно средства, дека нема доволно луѓе, дека не постои никаква ефективна координација за справување со загадувањето. Знаеме дека не се врши следење и казнување на загадувањето, особено од страна на големите загадувачи. Со дронови или без дронови, не се снаоѓаме со потпалувачите на смртоносните огнови. Знаеме дека некој „плански“ ги гори нашите шуми од интерес, дека се палат стрништа па се предизвикуваат пожари, дека нашите шуми безмилосно се сечат и се губат (потоа доаѓаат пороите и слични трагедии), ама никој, со дронови или без дронови, не презема ништо. Случајно? Логично? Разумно?
Или, знаеме дека со години ни се ветува гасовод, но тоа никако да се претвори во реалност. Знаеме дека тоа што некогаш, во „она“ едноумно време, беше јавен ресурс, јавно добро, општествен стандард за организирано „производство“ на создавање топлинска енергија (централно греење), особено во Скопје, со разни коруптивно-криминални гимнастики се расцепка и се исприватизира. И сега Скопје нема одржлив, евтин извор на централно греење и најважно од се, нема систем да го запре загадувањето од овој извор. Наместо домаќински политики, сега имаме само „виновни“ домаќинства.
Не е тајна и тоа дека и власта и опозицијата профитираат од изградбата на крајно нееколошките мали хидроцентрали. Дека нашите болници и училишта кои се затоплуваат со мазут се едни од најголемите загадувачи. Замислете, се разболуваме од работата на болниците. Еден град како Битола е заложник на РЕК, кој работи на лигнит, а дотолку сме неспособни што топлата вода која се произведува понатаму не знаеме да ја искористиме за греење. Чист енергенс, фрлен во неврат.
Знаеме дека Владата се обврза да го намали загадувањето на воздухот до 2020 во Скопје до 50 отсто, а во другите градови од 30 до 50 отсто. Каква неподнослива леснотија и квантификација на празните ветувања…Знаеме и дека аерозагадувањето е главниот причинител на над 1.300 смртни случаи годишно. А според анализите на Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата околу 2,5 отсто од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или околу 300 милиони евра годишно.
И тука ќе престанам со набројувањето, иако ова е само мал од сите „лаички“ детектирани и веќе добро познати проблеми. Е па, прашањето ми е следново: ако сево ова го знаеме, ако ова го знае и нашата влада, како можеме да останеме мирни пред нејзината неодговорност, пред политиката на непреземање ништо (бидејќи се било толку проклето сложено да се разбере и потоа да се преземе нешто сега и веднаш, освен да се фрли уште еден канистер популистички бензин во огнот)? Како да го истрпиме ова уништување на нашите животи и на нашата земја? Како наша патриотска обврска? Како наша посветеност на некоја далечна и нејасна „повисока“ цел? Кому тоа нешто му значи?
Оправдувањата дека загадувањето се наследен проблем не држат. Нема никакво оправдување затоа што проблемот е толку сериозен и драматичен, толку итен, толку капиларен, што треба да е приоритет број 1. Наместо тоа, нашата Влада комплетно го игнорира. И се оправдува дека требало пари, повеќе и повеќе пари?! Не не интересира дали и кому се потребни пари. Оваа власт покажа дека има пари – повеќе од доволно. Кога си одобри 500 милиони евра поголем буџет од ВМРО. Кога ни покажа дека и таа може да расфрла по 50 милиони на општини, за градоначалници да си купуваат нови автомобили. Кога почна да поттикнува неодговорно работење, да доградува делови од Скопје 2014, да спроведува популистички социјални трансфери пред избори, со цел да купува гласови. Пари оваа власт има и мора да најде, кога станува збор за здравјето на граѓаните.
Оттука, фрапантно е да се заклучи колку ништо не е направено во овие три години. Што, пак, значи дека најголемата загаденост е во мозоците и во менталитетот на нашите власти. Ваквото однесување не може поинаку да се објасни освен како сериозен и основан сомнеж дека зад ваквата негрижа се кријат огромни коруптивни и криминални интереси.
Како е можно, на пример, на вакво загадување во Македонија, да биде легитимен бизнис увозот и согорувањето отпад? Како е можно покрај употребата на мазутот и на екстра лесното гориво (ова второто е најголем загадувач од горивата), никој да не обрнува внимание на јавната тајна дека се увезуваат дополнителни високо-токсични материи, со неконтролирано високи дози на штетни материи, кои се ослободуваат во воздухот со нивното согорување? И тоа, замислете, се „продава“ како легитимен бизнис интерес. Државата, инаку, е најголем потрошувач на екстра лесното гориво. Но, граѓаните го злоупотребуваат овој опасен загадувач (со сто пати поголема емисија на сулфур од обичниот дизел) за своите возила. Нешто што е незамисливо во други држави, а и кај нас е забрането, како и секаде. Но и покрај тоа, масовно се употребува и – никому ништо. Ескпертите велат дека проблемот лесно се решава со примена на законот и со подигање на акцизата на евтиниот енергенс, кој ионака се поретко се користи во котлите за затоплување. Со една мерка, автоматски десеткратно би се намалило загадувањето од горивата. Но, тоа очигледно не е во интерес на властите и на некои бизниси. Или можеби се купува некаков лажен социјален мир?
Јасно е дека се не е предизвикано од власта, но власта која не презема ништо, напротив, само ветува промени, додека некого штити или недејствува околу загадувањето, е најголемиот виновник. Без разлика колку време е кормилар. Таквата власт го перпетурира ненормалното ниво на загадување.
Пластично ќе ви ја објаснам логиката зошто ништо не прави, зошто се одржува ова статус кво, и зошто нешто се прави само кога интерес имаат властите. Непозната фирма нарачува 10.000 инвертори (во време кога во Македонија се продаваат помалку од илјада вакви чуда годишно), и видете чудо – власта одеднаш решава да субвенционира инвертори, да дели „шаком и капом“, па додека сите се чудат како да влезат во бизнисот, фирмата спремно истрчува на теренот и го собира кајмакот. Освен тоа, тоа веќе е некаква „зелена“ политика, за фалење. И тоа е случајно?
Ете, поради овие гадости и наместени бизниси, поради алчност на властите и нивната кусогледост, не можеме да се соочиме со пожарите или со загаденоста, со проблемите кои ги мачат луѓето.
Оваа власт уби секаква надеж во оваа земја, за било каква правна, реформска, ментална, еколошка или друга промена. Со тоа станаа и полоши од злосторите кои не доведоа до каде што сме. Затоа што ваква неодговорна и неспособна власт, всушност, ги легитимираше режимот и нивните криминали, а потоа и ги презедоа. Тоа е најголемата загаденост што едно општество може да ја доживее, таа ментална затруеност е генезата на се што ни се случува.
И затоа и сме неспособни да се соочиме со фактите, со сето она што одлично го знаеме, но секој ден, одново се правиме дека го забораваме, а некој во тој маѓепсан круг постојано и упорно профитира. Додека ние живееме на жабри. Ние, жртвите на еден класичен екоцид.