Граѓаните чуваат денари во банки иако каматите се ниски

Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити пред останатите расположливи инструемти. Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафатија две третини од вкупната финансиска актива на населението, информираше гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска.

134

Граѓаните претпочитаат да штедат во банкарски депозити како резултат на довербата во банкарскиот систем. Повеќе сакаат да штедат во денари, отколку во девизи. Но, македонскиот банкарски систем мора да продолжи да создава конкуретни услови за штедење, порачаа претставниците на банки и надлежните финансиски институции кои денеска го одбележаат Светскиот ден на штедењето.

Според претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева, македонските банки многу одговорно и совесно ги чуваат средствата на штедачите, прудентно кредитираат и се грижат за интересите на своите клиенти.

– Да бидеш банкар е истовремено и да бидеш финансиер и да бидеш чувар и добар домаќин на средствата кои ти ги довериле на чување – рече Стевкова-Штериева.

Министерката за финансии Нина Ангеловска смета дека македонскиот банкарски систем треба да продолжи да расте, искористувајќи ја значајната доверба на граѓаните и на компаниите и да се вклучи во оперативни и стратешки предизвици.

– Зад штедењето стои доверба, а довербата во македонскиот банкарски сектор е голема. Задржан е трендот за штедење на населението како резултат на довербата во банкарскиот систем. Денарското штедење на населението го надминува девизното штедење што укажува на задржување на довербата во домашната валута. Значително е зголемено и кредитирањето на фирмите – подвлече Ангеловска во своето обраќање.

Оценките на Народната банка се дека амбиентот на ниски каматни стапки ќе остане и во следниот период. Оттаму препорачуваат домашните банки во следниот период да одржуваат конкуретни услови за штедење имајќи предвид дека депозитите се клучен извор на банкарската активност во нашата економија.

– Традиционалната склоност на населението за штедење во банкарски депозити остана задржана и во последната декада што се потврдува преку постојаниот раст на депозитите во домаќинствата којшто со август достигна девет проценти на годишно ниво. Поволна е и структирата на штедење. Трендот на денаризација продолжува со што сега околу 60 проценти од вкупните депозити во банките се во домашна валута што е значаен напредок во споредба со периодот на глобалната криза кога во денари беа околу 40 проценти од штедните влогови. Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити пред останатите расположливи инструемти. Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафатија две третини од вкупната финансиска актива на населението – информираше гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска.

И од Фондот за осигурување депозити велат дека финансиски се стабилни за евентуално обештетување, а нивни императив е рокот на обештедување од 20 да биде скратен на седум дена.

31 октомври е прогласен за Светски ден на штедењето во 1924 година со цел да се подигне свеста за значењето на штедењето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...