Дојдоа контејнерите, ги избркаа точаците (ФОТО)

Поставеноста на новите контејнери го намалува просторот за движење и предизвикува сериозни проблеми во мобилноста на пешаците, велосипедите, лицата со ограничена мобилност и лицата со инвалидитет, предупредува НаТочак.

299
Граѓанската иницијатива НаТочак вчера испрати допис до градските власти во Скопје со реакција за новонабавените контејнери, чија поставеност на фреквентни локации во градот, на самите велосипедските патеки значително го отежнува движењето и мобилноста на велосипедистите, пешаците, како и инвалидизираните лица. Дописот, во кој иницијативата поставува прашања кои би ги расветлиле причините за настанувањето на ваквата состојба и би поттикнале решавање на проблемот кој е евидентен, следува по неколкудневната остра негативна реакција од страна на граѓани на социјалните мрежи кои укажуваа на недостатоците и проблемите кои произлегуваат од ваквото решение, делумно и како одговор на ситуации со загрозена безбедност на учесници во сообраќајот.

Во дописот, иницијативата бара одговори на тоа кое тело и на кој начин ја донело одлуката за набавка на вакви контејнери и дали притоа претходно е направена проценка и елаборат за поставувањето на урбана опрема. Меѓу поставените прашања, се бара и одговор дали во тој процес е воспоставена соодветна соработка со сите засегнати страни, вклучувајќи и лица од Секторот за сообраќај, Секторот за урбанизам, СВР Скопје и други инволвирани страни што работат на проектот „Скопје Велоград и кои стандарди за урбанистичко планирање и уредување на просторот се користени при изборот на локации на контејнерите. На крај, неформалното здружение прашува дали поставувањето на овие контејнери ќе претрпи ревизија по многубројните реакции и доколку тоа не е случај, дали се побарани и одобрени изменети сообраќајни проекти за булеварите и улиците каде што се поставени контејнерите, бидејќи импровизираното моментално решение не е соодветно.

НаТочак во дописот исто така посочува и дека со поставувањето на овие контејнери се косат со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, во кој е наведено: „Добрата и квалитетната инфраструктура за велосипедски сообраќај е клучна за зголемување на користењето на велосипедот. Мерките од оваа област треба да резултираат со насоки и стандарди за велосипедска инфраструктура, обезбедување на висококвалитетна, безбедна, комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа“.

Во 2019 година, како дел од напорите за подобрување со управувањето со отпад, беа набавени нови, поголеми контејнери. Проблемот со оваа набавка се покажа веднаш штом тие контејнери беа поставени на „нивните“ локации. Поради тоа што се статични, тие имаат функционална ограниченост, и мораат да се постават на локации лесно пристапни за камионите што ги празнат – што во случајов се токму главните велосипедски рути што беа неодамна реконструирани и ослободени. Нивната поставеност сега го намалува просторот за движење и предизвикува сериозни проблеми во мобилноста на пешаците, велосипедите, лицата со ограничена мобилност и лицата со инвалидитет.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...