Кој вели дека Северномакедонец е решение ерга омнес?!

Од каде сега таа приказна дека од нас се бара да се викаме Северномакедонци? Зошто една таква, непотребна, неразбирлива и за мене, како Македонец (добро де, од „понизок“ стадиум), понижувачка солуција, би можела да биде преговарачка позиција на Атина?

5499

Читам на Фејсбук и пренесувам постови на моите почитувани пријатели и колумнисти во „Слободен печат“: целосна поддршка за ерга омнес решение и тоа во наредните три недели (Руди Лазаревски); некој треба да објави дека Македонија ја прекинува потрагата по достоинствено решение, бидејќи тоа е најдено во солуцијата ерга омнес (Бранко Тричковски).

Читам, објавувам, но не сум сигурен дека кога велиме решение ерга омнес, мислиме исто. Можеби Павлос Воскопулос, како што вели Руди, не гледа разлика меѓу Македонец и Северномакедонец. Можеби некому, како на Тричковски, на пример, му се допаѓа тоа ново име и секако му давам право да си мисли дека „Северен Македонец е виш стадиум на Македонецот“. Јас, на пример, не мислам така. Едноставно, не сакам да бидам што било друго освен Македонец (па макар било тоа и Македонец од „понизок“ стадиум) и не сакам мојот јазик да се нарекува поинаку освен како македонски.

Но, на крајот на краиштата, не е важно што мислиме јас, Тричко и Руди. Важно е дали тоа прашање – спремноста да се преименуваме во Северномакедонци – е толку посакуваното ерга омнес решение. Ако добро разбрав, во последната верзија на „решението“ за кое се преговара, верзија којашто беше јавно соопштена, како „решени“ прашања се сметаат новото име (Горна Македонија) и идентитетските одредници за државјанство/nationality (идентична со името на државата) и за јазикот – македонски, со она дополнение во заграда, „словенска група јазици“. Од каде сега таа приказна дека од нас бара да се викаме Северномакедонци?

Ако тоа навистина е така (допуштам Тричко и Руди да се поинформирани од мене), тогаш тоа е целосно спротивно на сите досегашни тврдења, од сите страни, дека не се разговара – и дека нема да се разговара! – за нашиот национален (етнички) идентитет. Освен тоа, тешко ми е да разберам зошто една таква, непотребна, неразбирлива и за мене, како Македонец (добро де, од „понизок“ стадиум), понижувачка солуција, би можела да биде преговарачка позиција на Атина.

Да скратам. Во недостиг на информации, мојата претпоставка е дека разговорот за ерга омнес решение е разговор за опсегот на употреба на новото компромисно име и за тоа дали мора да се менуваат Уставот и законите во Македонија. И тука нештата се прилично јасни – во овој момент, Заев располага со политички капацитет да потпише и да ратификува билатерална спогодба со Грција, но не и со мнозинство и легитимитет да го промени Уставот на земјата.

Оттаму, претпоставувам решението се бара во билатерална спогодба што би ги задоволила двете страни, таква што може да биде ратификувана од парламентите во Скопје и во Атина и во која би можеле да се антиципираат и некои решенија во поглед на промена на конститутивниот акт на државата. Ако некако – дај боже! – се скрпи таква спогодба, можеме да се надеваме на успех во преговорите. Ако не, здравје и топли сомуни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...