Проширувањето на ЕУ и хрватското претседателство во фокус на средбата Павлопулос – Пленковиќ

Би сакал да потсетам дека Самитот во Загреб се одржува дваесет години по првото пристапување на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија и сакам да кажам дека ние ќе бидеме присутни за да им помогнеме на балканските земји кои сега се на ред да влезат во Европската унија и да ги поддржиме во овој напор , истакна хрватскиот премиер

73

Приоритетите на претседателството на Хрватска со Европската унија, како и проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан беа во фокус на разговорите на средбата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, jави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Грција изрази убеденост дека хрватското претседателство ќе биде успешно, истакна дека Грција е подготвена да соработува во таа насока и додаде оти ја поддржува перспективата за влез на Хрватска во Шенген зоната, еврозоната и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а се осврна и на проширувањето на Унијата.

– Го поддржуваме проширувањето на Европската унија, со пристапување на земјите од Југоисточна Европа, под неприкосновениот услов дека земјите ги исполнуваат, во целост и без никаква отстапка, предусловите поставени од европското законодавство во целина – рече Павлопулос на почетокот на средбата со хрватскиот премиер.

Пленковиќ од своја страна се задржа на трите основни цели и на Хрватска: влез во Шенген зоната, во еврозоната и во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а за шестмесечното претседателство со Унијата се осврна на аспектите и приоритетите, меѓу кои силен економски развој на Унијата, безбедноста и глобалната позиција на ЕУ, а го спомена и Самитот за Западен Балкан што во мај ќе се одржи во Загреб.

– Би сакал да потсетам дека Самитот во Загреб се одржува дваесет години по првото пристапување на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија и сакам да кажам дека ние ќе бидеме присутни за да им помогнеме на балканските земји кои сега се на ред да влезат во Европската унија и да ги поддржиме во овој напор – истакна хрватскиот премиер.

Средбата меѓу Андреј Пленковиќ и Прокопис Павлопулос беше во рамки на учеството на хрватскиот премиер на четвртиот Евро-арапски светски самит што денеска и утре се одржува во Атина.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...