Рециклираните идеи и визии за концептот на привилегирани партнерства наместо полноправно членство, кои деновиве неофицијално кружат по медиумите во регионот и во Брисел, се само уште еден заморувачки очекуван пробен меур на одделни земји-членки за најслабите алки во регионот да „паднат“ и да почнат да размислуваат за откажување од полноправното членство, изјави денеска српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јоксимовиќ наведе дека „Србија нема да падне и дека се надева дека тоа им е јасно на сите“, коментирајќи ги тврдењата дека Франција почнала неофицијални дипломатски консултации со цел да понуди привилегирано специјално партнерство на некои земји од Западен Балкан наместо полноправно членство.
Јоксимовиќ порача дека таква понуда некогаш и била понудена на Турција, како на замрзнат кандидат и дека во суштина не значела ниту привилегии, ниту партнерство.
– Бидејќи кошулата е целосна само ако има јака и ракави. И привилегиите и обврските на партнерскиот однос се цели само ако членството е полноправно – нагласи Јоксимовиќ.
Таа додаде дека креаторите на ваквите рециклирани визии ја доведуваат во прашање интелектуалната искреност, европскиот кредибилитет и долгорочниот интерес на ЕУ.
– Да не спомнувам дека ниту еден сериозен експерт за фундаментална политика на ЕУ не би влегол во празен базен за пишување на кој било документ што треба да ги објасни и утврди договорните основи на привилегирано партнерство, затоа што тоа го нема. Ова може само да значи, како што се шпекулира, подлабока интеграција во одредени заеднички политики, се разбира корисни за ЕУ, но таму каде што привилегираната земја-партнер не учествува во процесот на донесување на одлуки – наведе Јоксимовиќ, додавајќи дека станува збор за патерналистички и надминат однос.
– Имајќи предвид дека Србија е длабоко во процесот на преговарање, ваквите идеи не само што не се прифатливи, туку тие предизвикуваат недоверба кон ЕУ како партнер – наведе Јоксимовиќ.
Таа додаде дека очекува ЕУ да се ослободи од своите неразумни стравови и разбира дека Србија, како и Западен Балкан, можат само да ја подигнат целокупната конкурентност и меката моќ на ЕУ на глобално ниво.
– Бараме зголемена динамика во нашите преговори и се надеваме дека политиката на проширување ќе остане отворена и за остатокот на регионот, затоа што ЕУ сè уште ја има таа специфична интегративна трансформативна моќ што другите глобални актери во меѓународните односи не ја поседуваат, и не верувам дека кој било да и посакува добро на Европа, од тој инструмент би се откажал – оцени Јоксимовиќ.
Таа посочи и дека Србија од своја страна работи и очекуваме новата Европска комисија да ја преземе политиката на проширување, како што е предвидено во документот од претходната ЕК.