Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваше на панел на тема „Политичко-економски фактори во реформите и спроведувањето на социјалната заштита“, што се одржа во седиштето на Светската банка во Вашингтон, со којшто оваа меѓународна финансиска институција ја стартуваше неколкудневната обука за социјална работа и заштита.
– Со подобрувањето на квалитетот на животот на најранливите го подобруваме квалитетот на животот на општеството како целина. Реформата во системот на социјална заштита има трансформативен потенцијал за целото општество. Со менувањето на начинот на којшто ги перципираме и се грижиме за лицата во социјален ризик го менуваме и целото општество – рече Царовска.
Министерството за труд информира дека Царовска се сретнала со Коен Давидсе, извршен директор на Светската банка и преставник на конституенцата на Банката за земјава на која разговарале за социјалната реформа што успешно се имплементира веќе неколку месеци во земјава, како и за инвестирањето во човечкиот капитал.
На следните панел дискусии во СБ ќе се дебатира на теми за зајакнување на социјалните услуги за подобрување на животот и животните услови на граѓаните, проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на социјалните услуги, вклучително и предучилишното образование за ранливите групи.