Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски апелира земјоделците да не ги палат нивите и стрништата. Со нивното палење, како што вели, не само што предизвикуваат еколошка штета и опасност од непосакувано проширување на пожарот, туку ги уништуваат и органските материи кои се битни за подготовките на почвата и додатоците кои се потребни за зголемување на хумусот во земјата.
-Тоа е нешто што за жал се повторува и покрај сите апели. Земјоделците по некоја навика ги палат нивите со ориз и житни култури, мислејќи дека со тоа постигнуваат подобар ефект, но со тоа прават штета на површината со согорувањето на една органска материја кјоа е многу битна за подготовката на почвата – рече Димковски.
Во врска со можноста земјоделците кои ги палат нивите да не добиваат субвенции како во Хрватска, Димковски рече дека тоа е идеја за која треба да се разговара, но додаде дека ќе му биде мило да биде поттикната од, како што кажа, свесните земјоделци.
-Контролите треба да бидат позасилени и да се интензивираат од локалната самоуправа која е на самото место. Имавме убав пример со откривањето на сторителот во скопско со дрон. Таквите примери иако негативни ќе влијаат на свеста на земјоделците да се отргнат и да ја заборават оваа лоша навика – потенцира Димковски.