За две и пол години се исплатени 314,5 милиони евра за субвенции за земјоделците, а навремената и неселективна исплата на субвенциите ќе продолжи и во нардниот период, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Министерството додаваат дека по барање на сточарите, деновиве Владата одлучи да овозможи дополнителна субвенција за предадено јагне во износ од 400 денари, со цел да се намалат загубите на одгледувачите на овци поради ниската откупна цена.
МЗШВ посочува дека според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари.
„Веднаш потоа, следува исплатата на субвенциите за предадени градинарски култури, предадени домати и јаболка, субвенција за површини со поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, како и за грло добиток.Со ребалансот се проектирани и 40 милиони денари за субвенции за заклани свињи како превенција од појава на болеста африканска свинска чума. Сумирано, со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство“, информираат од МЗШВ.
Во врска со заостанатата исплата на субвенции од Министерството информираат дека се исплатени над 19,3 милијарди денари или 314,5 милиони евра, по основ на тековни исплати и заостанати долгови од претходните 2013, 2014 и 2015 година, кои минатата власт не ги сервисирала навремено.
Од МЗШВ подвлекуваат дека е решен долгогодишниот проблем на лозарите, Владата на РСМ донесе одлука за исплата на долгот што винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници го имаа кон лозарите за предаденото грозје во 2014 и 2016 година.
„Се исплатија над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари. Претходно, се исплатија 9 милиони евра за основната субвенција за одржување на лозови насади, а над 1 милион евра се исплатија на сметките на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денари за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби. Во следниот период ќе биде донесена и одлука за интервентна мерка за лозарите за годинешната реколта“, информираат од ресорното министерство.
Во делот на овоштарството, навреме се исплати основната субвенција за одржување на овошни насади. За овошните култури предадени во преработувачки капацитети се исплатени 75 милиони денари на 1.460 земјоделци, од кои само за предадени јаболка се 39,5 милиони денари. Дополнително со ребалансот се планирани 160 милиони денари за исплата на дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка кај откупувачи.
Развојот на стратешките извозни култури е приоритет на МЗШВ, стои во соопштението, и затоа се донесе нов модел за повисоки субвенции за тутунарите во три нивоа. Субвенцијата за прва класа е 80 денари, за втора 70 денари за трета и останатите класи 60 денари за килограм. Сите субвенции за тутунот од реколта 2018 се исплатени, или вкупно 28 милиони евра. Последните две години се постигна највисока откупна цена на тутунот, односно за реколта 2017 цената беше 217,6 денари, а за реколта 2018 откупната цена беше 214,2 денари за килограм.
Во насока на порентабилно и поконкурентно производство воведена е мерка за поевтино гориво за земјоделска механизација, 30 отсто од трошоците ги покрива државата. Со мерката се опфатени околу 55.000 земјоделци што имаат поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади. Со оваа мерка се враќаат околу 200 милиони денари назад кај земјоделците. До денеска со помош на зелените картици земјоделците имаат наточено гориво во вредност од 71,6 милиони денари.