СОНК не прифати покачување од 10 отсто, најави штрајк за 11 ноември

331

Советот на СОНК едногласно донесе одлука дека не го прифаќа предлогот на МОН и на Владата за зголемување на платите во дејноста образование и наука за 10 отсто, почнувајќи од април 2020 година.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков на денешната прес-конференција рече дека своите интереси ќе ги бранат со штрајк што се предвидува за 11 ноември годинава.

– Советот на СОНК во овој период на помирување до генералниот штрајк, до кога има 15 работни дена, уште еднаш го отвора барањето до МОН и бара предвиденото зголемување да не почнува од април 2020 година, туку наше барање е да почне од 1 јануари 2020 година – рече Неделков.

Од СОНК предлагаат понудените 10 отсто да бидат предмет на договарање, односно, како што рече Неделков, да се понуди поголемо зголемување. Како придружни барања што ќе се достават до МОН, како што најави Неделков, се измени и дополнувања на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови кои досега воопшто не се исплаќале, ревидирање на плаќањето во комбинирана настава… Неделков смета дека е итно барањето за изготвување и потпишување колективен договор за високо образование и наука кој би бил со период на имплементација од 1. јануари 2020 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Неделков рече дека доколку не се исполнат нивните барања би се одржал штрајк кој ќе биде со прекин на работниот процес во основните, средните и во високообразовните институции.

Тој очекува во меѓупериодот до најавениот штрајк, нивните барања да бидат разгледани и да имаат средба со претставници на Владата и на МОН.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...