Агенцијата за катастар ќе ги исправи сите грешки направени при запишувањето на правата од сопственост во процесот на дигитализација на катастарот, односно при пренесувањето на податоците за границите на имотите и нивните сопственици од аналогниот план во дигитален. Дополнително ќе се реши и деценискиот проблем на граѓаните кои не можат да извадат имотен лист поради тоа што на нивните имоти е извршен пописен катастар без премер. Ова го предвидуваат законските измени кои се стапени на сила во јуни годинава, а кои денеска ги претстави директорот на Агенцијата за катастар Борис Тунџев.
Грешките кои се направени во постапката за дигитализација на катастарот се однесуваат на голем број имоти во земјата, а најзагрозени се катастарските општини Ѓорче Петров, Сарај, Драчево, Волково во Скопје, како и Куманово и Штип…
Имено, при преносот од аналогниот во дигиталниот план направени се грешки во однос на преклопувањето на границите на имотите. Во аналогниот план е користен сразмер на површините 1:2500, а во дигиталниот 1:1000 при што се изместени границите на имотите. Разликата во сразмерите на терен изнесува 1 милиметар наспрема 2,5 метри, а тоа довело до изместување на границите на имотите и впишување на повеќе сопственици во еден имотен лист.
– Како грешка, според законските измени се признава само 5 отсто од целокупната површина за која се прави исправка по службена должност, односно бесплатно. Граѓаните кои сакаат да се направи исправката ќе треба да поднесат само барање за исправка – појасни Тунџев.
За деловите кога граничната парцела ќе надмине повеќе од пет проценти од вкупната површина доколку има разбирање со соседите ќе може да се постапува со изјава на нотар дека е прифатена новата гранична линија без да се водат скапи судски спорови што чинат повеќе од самото земјиште.
Тој појасни дека со последните измени на законот ќе се реши проблемот на граѓаните кои во своите имотни листови како сосопственик ја имаат Република Македонија.
– Во имотните листови каде што се јавува Република Македонија како сосопственик, таа ќе се издвои од имотниот лист, односно имотот ќе биде исчистен од сосопственикот, а делот на Република Македонија ќе биде формиран како посебна парцела на површината која не е легализирана. Со тоа на сопствениците на имотот ќе им се овозможи да го поседуваат имотот и фактички. И овие граѓани ќе треба да поднесат барање за исправка – појасни Тунџев.
Тој рече дека се решава и деценискиот проблем на граѓаните од катастарските општини Чешка, Гостивар, Берово, Штип и Македонска Каменица кои поради пописниот катастар кој е направен без премер во 1952 – 1954 година не можат да извадат имотни листови.
– Доколку за овие имоти има трага, односно се обележени границите при авионското снимање на имотите граѓаните ќе можат да добијат имотни листови без никакви проблеми бидејќи имотот ќе им биде впишан – рече Тунџев.
Тој денеска информира дека со законските измени ќе се исправат најголем дел од случаите, освен оние во кои има нарушени меѓусоседски односи.