Уште 421 лице ќе се самовработи со пари од државата

Самостојните корисници добиваат грант предвиден со Оперативниот план за 2019 година до 5.000 евра, или ако се двајца содружници до 10.000 евра.

280
EPA-EFE/ARSHAD ARBAB

Уште 421 невработено лице ќе добие пари за самовработување од ребалансираниот буџет кои нема да треба да ги враѓаат. Најголем број, 81 лице се од Тетово. Овие лица по успешно изработениот бизнис план набрзо ќе може да ги регистрираат своите фирми и ќе почнат со работа.

Ова беше соопштено на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со невработени од Тетово.

На средбата присуствуваа и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и постојаната претставничка на УНДП во земјава Нарине Сахакјан.

Самостојните корисници добиваат грант предвиден со Оперативниот план за 2019 година до 5.000 евра, или ако се двајца содружници до 10.000 евра.

– Верувам дека вашите бизниси ќе станат одржливи и ќе растат со што ќе имате потреба од нови вработувања. Оваа година навистина бележиме огромен интерес за програмата самовработување, и затоа владата водејќи се пред се од интересот на невработените лица да се активираат на пазарот на трудот, одвои рекордни скоро 8 милиони евра како поддршка на поголем број идни претприемачи од првично предвидените средства – рече Царовска.

Постојаната претставничка на УНДП, Сахакјан, како што рече е задоволна од огромниот интерес за мерката.

– Навистина можеме да кажеме дека самовработување е бренд програма на секој Оперативен план. Посебно ни е драго што младите стануваат движечка сила на оваа мерка со своите нови и иновативни бизнис идеи кои во иднина ќе генерираат и нови работни места – рече Сахакјан.

Директорката на АВРСМ Билјана Јовановска информирала дека освен самовработување отворени се и други активни мерки од Оперативниот план за 2019 и тоа за ИТ обуките и за субвенционирање на платите.

– На ниво на цела држава за годинава предвидено е потпишување на вкупно 1.484 договори за самовработување. Од нив вкупно 557 лица, односно 38 проценти се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35 проценти се жени – рече Јовановска.

Во последните неколку години околу 15 проценти од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата потпаѓаат под Програмата самовработување. Од 2007 година се формирани над 30.000 бизниси со самовработување, од кои 65 проценти се уште се активни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...